АНАЛИЗА: Кинеските инвертори под лупа – нов ризик за европската енергетска безбедност

Европската енергетска транзиција отвора ново стратешко прашање: колку е безбедна мрежата ако значаен дел од опремата што ја поврзува новата соларна енергија со системот доаѓа од Кина?

Прашањето повеќе не е само индустриско или трговско. Во Брисел сè погласно се зборува за енергетска и сајбер-безбедност, бидејќи соларните инвертори, уреди што ја претвораат струјата од соларните панели во форма погодна за мрежата денес се многу повеќе од обични електронски компоненти.

Тие се поврзани со интернет, разменуваат податоци, добиваат софтверски ажурирања и во одредени случаи овозможуваат далечинско управување. Тоа ја прави соларната инфраструктура поефикасна, но истовремено создава нова точка на потенцијална ранливост.

РЕКЛАМА

Европската дилема е особено чувствителна бидејќи Кина во изминатите години стана доминантен производител на речиси целиот синџир на чистата енергетска технологија, од панели и батерии до инвертори и делови за ветерни турбини.

Од евтина опрема до критична инфраструктура

Инверторот долго време беше гледан како технички дел од соларната централа. Со масовното ширење на фотоволтаиците, неговата улога се промени.

Современите инвертори можат да следат производство, да комуницираат со оператори, да примаат команди и да се ажурираат преку интернет. Кај големите централи, тие се интегрирани во пошироки системи за управување со производството и приклучокот кон мрежата.

Токму затоа безбедносните експерти предупредуваат дека прашањето веќе не е само „кој го произведува уредот“, туку кој има пристап до него и што може да направи тој пристап.

Европската комисија во својата проценка на ризиците во фотоволтаичниот сектор наведува дека во 2023 година кинески производители имале далечински пристап до опрема поврзана со околу 168 GW соларен капацитет во Европа. Тоа не е доказ дека опремата била злоупотребена. Но, бројката покажува колку голема би можела да биде потенцијалната површина за напад доколку далечинскиот пристап биде компромитиран.

Во безбедносните проценки најголема загриженост предизвикува можноста за координирано дејствување врз голем број уреди.

„Сите компании што произведуваат инвертори имаат нешто како прекинувач за исклучување“, изјави Кристоф Подевилс, генерален секретар на Европскиот совет на производители на соларна опрема.

Таквата функција сама по себе не е проблем. Напротив, таа е потребна за одржување, заштита и управување со електроенергетскиот систем.

Ризикот настанува ако неовластен корисник добие пристап до истите функции.

Во такво сценарио, истовремено намалување или прекин на производството од голем број соларни системи може да создаде ненадеен дисбаланс меѓу производството и потрошувачката. Во зависност од обемот и моментот, тоа би можело да предизвика проблеми со напонот и фреквенцијата и да придонесе за поширока нестабилност на мрежата.

Затоа стравувањата не се однесуваат на едноставно „гасење“ на соларна централа, туку на можноста голем број децентрализирани уреди да бидат претворени во заедничка точка на ранливост.

Случајот од САД ја зголеми загриженоста

Темата доби дополнителна тежина во 2025 година, кога американски енергетски претставници открија неевидентирани комуникациски компоненти во некои инвертори произведени во Кина.

Според истрагата објавена од Reuters, во дел од уредите биле пронајдени комуникациски компоненти кои не биле наведени во техничката документација. Не беше утврдено дали станува збор за намерно поставени механизми за пристап, ниту колкав број уреди биле опфатени.

Сепак, случајот отвори важно прашање за операторите: дали можат целосно да знаат со какви комуникациски функции располага уредот што го приклучуваат на мрежата?

За критичната инфраструктура, токму ова е проблемот. Не е доволно опремата да ги исполнува техничките стандарди во моментот на купување; потребно е да постои контрола врз целиот нејзин животен циклус – од софтверот и ажурирањата до серверите и далечинскиот пристап.

Кина не доминира само со инверторите

Безбедносната загриженост се надоврзува на многу поширока индустриска зависност. Според Loom Strategy Centre, непрофитна организација за стратешки истражувања со седиште во Женева, во 2024 година Кина учествувала со околу 61% од европскиот увоз на соларни инвертори.

Huawei и Sungrow се меѓу најголемите светски производители, а според анализата на Институтот за безбедносни студии на ЕУ, кинеските производители заедно учествуваат со околу 55% од глобалните испораки на соларни инвертори.

Кај соларните панели зависноста е уште поголема. Кина учествува со околу 98% од европскиот увоз на панели, додека кај литиум-јонските батерии уделот е околу 88%.

На глобално ниво, кинеската доминација започнува уште подлабоко во синџирот на производство. Според Институтот за безбедносни студии на ЕУ, Кина во 2023 година контролирала околу 98% од глобалното производство на силиконски плочки за соларни ќелии, а произведувала околу 85% од соларните панели во светот. Ова создава еден од најголемите парадокси на европската зелена транзиција. Европа сака со обновливите извори да ја намали зависноста од увоз на руски и други фосилни горива, но во исто време станува зависна од увоз на технологијата потребна за производство, складирање и управување со електричната енергија.

Меѓутоа, оваа зависност сама по себе не мора да значи безбедносен проблем. Кинеската индустрија одигра важна улога во драматичното намалување на цената на соларната и батериската технологија во светски рамки. Проблемот се појавува кога економската зависност се преклопува со геополитичките тензии.

Анализата на Институтот за безбедносни студии на ЕУ предупредува дека Кина систематски ја гради својата позиција во глобалните синџири на чиста енергија, но и во европската енергетска инфраструктура. Кинески компании поврзани со државата имаат удели во оператори на преносни системи во Португалија, Италија, Луксембург, Малта и Грција. Најпознат пример е португалскиот оператор REN, во кој кинеската State Grid има 25% удел со гласачки права.

Тоа не значи дека кинеските компании автоматски претставуваат безбедносна закана. Но, операторите на преносните системи се стратешки институции. Тие управуваат со критична инфраструктура и располагаат со чувствителни информации за функционирањето на националните и европските електроенергетски системи.

Токму затоа некои европски влади во последните години блокираа или ограничуваа кинески обиди за влез во оператори на мрежите.

Ризикот не е само во хардверот

Една од најважните поенти во европската безбедносна дебата е дека проблемот не може да се сведе на прашањето дали уредот е произведен во Кина или во Европа. Секој современ инвертор што е поврзан на интернет може потенцијално да биде изложен на сајбер-напад. Cloud-сервери, далечинско одржување, софтверски ажурирања и дигитални платформи се карактеристика на современата енергетика, без оглед на земјата на потекло.

Затоа клучните прашања се: кој го контролира пристапот, каде се наоѓаат податоците, кој го одобрува софтверот и дали операторот може да го исклучи далечинскиот пристап доколку се појави сомнеж.

Ова е важно бидејќи премногу силен фокус само на „кинескиот ризик“ може да го прикрие поширокиот проблем, дигитализацијата на електроенергетската инфраструктура сама по себе создава нови ранливости.

Но кај кинеските производители дополнителен фактор е геополитичкиот контекст и законската обврска на кинеските компании и граѓани да соработуваат со државата во разузнавачки активности.

Европа не може едноставно да ја „исфрли“ Кина

И покрај растечката загриженост, ЕУ не се движи кон масовно отстранување на кинеската опрема. Причината е едноставна: зависноста е преголема.

Замена на милиони веќе инсталирани панели, инвертори и батерии би била исклучително скапа и технички сложена, а во одредени случаи дури би можела да ја забави декарбонизацијата.

Затоа пристапот на Брисел е постепен, новите инвестиции да бидат помалку зависни од високоризични добавувачи, а особено чувствителните проекти да имаат построги критериуми. Тоа се однесува на јавните набавки, европското финансирање, сајбер-безбедносните стандарди и критичната енергетска инфраструктура.

Институтот за безбедносни студии на ЕУ оди чекор понатаму и предлага кинеските компоненти постепено да се исклучуваат од прекуграничните енергетски проекти финансирани преку Connecting Europe Facility for Energy.

За разлика од некои други области, Европа сè уште има сопствени производители на инвертори. Проблемот е цената.

Европските инвертори би можеле да бидат околу 2% поскапи од кинеските, според проценките цитирани во европската дебата.

Од перспектива на инвеститорите, дури и мала разлика во цената може да биде важна во индустрија во која голем дел од проектите се градат со тесни маргини. Но од перспектива на енергетската безбедност, таа разлика може да се гледа како цена за поголема контрола и отпорност. „Тоа е како премија за осигурување“, вели Подевилс.

Затоа во Европа се наметнува модел во кој не мора секој соларен панел да биде европски, но критичните делови од инфраструктурата треба да бидат под поголема европска контрола.

Од соларните панели до батериите и водородот

Истата дилема се појавува и во други технологии.

Кина во 2024 година произведувала околу 70% од светските ветерни турбини, според Институтот за безбедносни студии на ЕУ.

Во водородниот сектор, Кина стана најголем производител на електролизери и најголем поединечен производител на зелен водород. Трошоците за кинеските електролизери паднале за околу 40% меѓу 2022 и 2024 година.

Тоа значи дека Европа ризикува истата приказна што денес се води за соларните панели и инверторите утре да се повтори со електролизерите, синтетичките горива или други технологии на идната индустрија.

Затоа европската политика сè повеќе се поместува од класичната логика на слободен пазар кон концептот на „de-risking“ – намалување на ризикот преку диверзификација на добавувачите и јакнење на домашното производство.

Новата европска политика: не само „Made in Europe“, туку и „Controlled in Europe“

Во март 2026 година Европската комисија го претстави Industrial Accelerator Act, со кој сака да ја зголеми побарувачката за европски произведени чисти технологии и да го зајакне производството во стратешките сектори.

Тоа е дел од пошироката промена во европската индустриска политика.

По искуството со руските фосилни горива, Брисел повеќе не ја гледа зависноста само како економско прашање. Производот може да биде евтин и сигурен сè додека геополитичките односи се стабилни. Кога тие се нарушуваат, зависноста може да се претвори во инструмент на притисок.

Токму затоа прашањето за инверторите постепено се проширува од „Made in Europe“ кон „controlled in Europe“, кој ја произведува опремата, кој го контролира софтверот, кој има пристап до податоците и кој може да интервенира во системот.

Македонија не смее да чека на европските правила

За Македонија ова прашање станува сè порелевантно со брзиот раст на соларните и батериските капацитети, но важно е што земјата веќе почнува да ја поставува регулаторната рамка за сајбер-безбедност во енергетиката. Во мај 2026 година беа објавени правила за сајбер-безбедност на објектите за производство и складирање, како и на системите за пренос и дистрибуција на енергија. Тоа е важен чекор, бидејќи заштитата на енергетската инфраструктура веќе не се гледа само низ физичката безбедност, туку и низ заштитата на дигиталните и комуникациските системи.

Следниот чекор треба да биде овие правила да се поврзат со рамката за критична инфраструктура и со условите за изградба и приклучување на новите енергетски објекти. Во тој контекст, важен чекор е и воспоставувањето целосна законска рамка за критична инфраструктура, во која енергетиката треба да има важно место.

Кај големите фотоволтаични централи и батериските системи треба да има јасни критериуми за далечинскиот пристап, софтверските ажурирања, обработката на податоците и можноста операторот да го прекине надворешниот пристап во случај на безбедносен ризик. Тоа е особено важно за објектите чие работење може да влијае врз стабилноста на електроенергетската мрежа.

Затоа Македонија не мора засега да избира меѓу кинеска и европска технологија, туку треба да обезбеди контрола на ризикот без оглед на земјата на потекло. Веќе воспоставените правила за сајбер-безбедност треба да станат основа за построги технички критериуми при набавката и приклучувањето на инвертори, батерии и друга дигитално поврзана опрема. На тој начин земјата може да продолжи со развојот на обновливите извори, но да избегне создавање нова стратешка зависност, овојпат не од горива, туку од опрема и софтвер што имаат можност да влијаат и да го контролираат функционирањето на електроенергетскиот систем.

Енергертика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил