КОЛУМНА: Зошто отпорноста стана новото мерило за лидерство во енергетиката

Пишува: Џозеф МекМонигл

Кога извршниот директор на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), Фатих Бирол, неодамна изјави дека земјите извознички од Персискиот Залив „треба повторно да ја стекнат репутацијата на сигурни снабдувачи“, тој го артикулираше сомнежот што се појави кај дел од јавноста по повеќемесечното затворање на Ормускиот Теснец.

Но, постои и поинакво, и според мене многу поубедливо, толкување на случувањата.

РЕКЛАМА

Купувачите чии испораки продолжија непречено да пристигнуваат преку источнозападниот нафтовод на Саудиска Арабија до пристаништето Јанбу на Црвеното Море, како и преку нафтоводот Хабшан–Фуџајра во Обединетите Арапски Емирати, кој целосно го заобиколува Ормутскиот Теснец, веројатно ќе заклучат дека работат со едни од најсигурните енергетски снабдувачи во светот.

Последната криза не откри слабост кај производителите од Заливот. Напротив, таа ја потврди исправноста на децениските стратешки инвестиции направени токму за вакви ситуации.

Токму тука лежи суштинската разлика. Геополитичкиот ризик и доверливоста на снабдувачите не се исто. Ниту еден производител на енергија не може да спречи регионални конфликти или геополитички тензии. Вистинското лидерство се покажува во тоа дали ризиците се предвидуваат навреме, дали се инвестира за нивно ублажување и дали снабдувањето продолжува дури и кога пазарите се под исклучителен притисок.

Со децении лидерството во енергетиката се оценуваше преку производствениот капацитет, обновувањето на резервите и расположливите резервни капацитети. Овие показатели и понатаму остануваат важни, но денешниот свет бара уште едно мерило – капацитетот за отпорност.

Тоа е способноста на еден енергетски систем однапред да ги препознае можните нарушувања, да ги амортизира ударите, брзо да се приспособи и да продолжи сигурно да снабдува и покрај геополитички кризи, инфраструктурни дефекти, сајбер-напади или нестабилни пазари. Во сè понеизвесниот свет, токму отпорноста би можела да стане најважниот показател за лидерство во енергетиката.

Лидерството се мери според подготвеноста

Ормутскиот Теснец одамна е препознаен како едно од најзначајните, но и најранливите стратешки тесни грла во глобалниот енергетски систем. Последните нарушувања не открија нов ризик, тие само ја потврдија вредноста на инвестициите направени многу пред кризата.

Долго пред најновите тензии, Саудиска Арабија инвестираше во источнозападниот нафтовод што ги поврзува нафтените полиња на истокот со извозните терминали на Црвеното Море. Обединетите Арапски Емирати, пак, го изградија нафтоводот Хабшан–Фуџајра, овозможувајќи значителен дел од извозот целосно да го заобиколи Ормускиот Теснец.

Стратешките складишта, проширените извозни терминали и резервните оперативни капацитети не беа изградени како реакција на една конкретна криза, туку како дел од долгорочна стратегија чија цел беше купувачите да продолжат да добиваат сигурни испораки без оглед на околностите.

Овие инвестиции никогаш не биле само инфраструктурни проекти. Тие биле инвестиции во доверба.

Ниту еден производител не може да гарантира дека геополитички кризи никогаш нема да има. Но, одговорните производители инвестираат така што геополитичкиот ризик да не се претвори во ризик за снабдувањето.

Лидерството се оценува низ целиот синџир на вредност

Последната криза уште еднаш потсети на една често занемарена вистина, енергетската безбедност не завршува со производството на сурова нафта.

Нарушувањата во Ормускиот Теснец не влијаеја само врз транспортот на сурова нафта, туку и врз глобалните пазари на бензин, дизел, авионско гориво и суровини за петрохемиската индустрија. Безбедноста на снабдувањето со нафтени деривати многу брзо може да стане подеднакво важна како и сигурноста во испораката на сурова нафта.

Токму тука производителите од Заливот, особено Саудиска Арабија и Saudi Aramco, покажаа долгорочна стратешка визија. Со децении тие не инвестираат само во одржување на производствени и резервни капацитети, туку и во една од најразвиените глобални мрежи за преработка и дистрибуција.

Преку инвестиции во рафинерии, петрохемиски комплекси, складишни терминали и интегрирани маркетинг-компании во Азија, Европа и Северна Америка, Aramco ја зајакна отпорноста на глобалните синџири за снабдување со горива, обезбедувајќи поголема флексибилност во услови на нарушувања.

Сигурниот енергетски пазар не се темели само на производството на нафта, туку и на тоа таа да може непречено да се транспортира, преработи, складира и, на крајот, да стигне до потрошувачите речиси во секоја пазарна ситуација.

Секој алтернативен нафтовод, секој стратешки складишен терминал, секоја рафинерија изградена поблиску до центрите на потрошувачка и секоја инвестиција во интегрирана логистика го зголемуваат капацитетот за отпорност – не само на производителите, туку и на потрошувачите.

Лидерството се докажува со резултати

Вистинскиот тест за доверливоста доаѓа тогаш кога пазарите се под најголем притисок.

За време на последната криза, производителите од Заливот работеа на обновување на извозот, максимално искористување на алтернативната инфраструктура и исполнување на договорните обврски во исклучително сложени услови.

Нивната цел не беше само да произведат повеќе, туку да ги намалат последиците од кризата за земјите увозници, кои и онака се соочуваа со зголемена неизвесност.

Рафинериите не ја мерат доверливоста според медиумските наслови. Таа се мери според тоа дали договорените танкери пристигнуваат навреме, дали рафинериите продолжуваат да работат и дали клиентите ги добиваат количините на кои сметаат.

Довербата на енергетските пазари се гради постепено, со секоја испорака, секој исполнет договор и секоја стратешка инвестиција.

Лидерството значи да се размислува однапред

Најдолгорочната последица од кризата во Ормускиот Теснец можеби нема да биде самото нарушување, туку новиот инвестициски циклус што таа ќе го поттикне.

Како што претходните кризи доведоа до изградба на алтернативни нафтоводи, стратешки резерви и диверзификација на извозните правци, така и последните случувања најверојатно ќе поттикнат нов бран инвестиции во отпорноста на енергетските системи во земјите од Заливот.

Дополнителни складишни капацитети, понапредна поморска логистика, поголема интеграција на рафинерискиот сектор, дигитално управување со синџирите на снабдување, сајбер-заштита и поголема извозна флексибилност дополнително ќе ја зацврстат сигурноста на испораките.

Со децении производителите од Заливот инвестираа пред сè во зголемување на производствениот капацитет. Следната фаза, најверојатно, ќе биде подеднакво насочена кон проширување на капацитетот за отпорност, создавање енергетски системи кои не се само поголеми, туку и пофлексибилни, поиздржливи и побезбедни.

Историјата ретко ги памети енергетските кризи по нарушувањата што ги предизвикале. Таа ги памети по иновациите и инвестициите што произлегле од нив.

Вистинската мерка за лидерство во енергетиката не е отсуството на геополитички ризици, тие секогаш ќе постојат. Вистинската мерка е постоењето на капацитет за отпорност.

Во сè понеизвесниот свет, отпорноста станува еден од највредните енергетски ресурси.

Новото мерило за лидерство не е дали постојат геополитички ризици, туку дали производителите се подготвени за нив, дали можат да продолжат да снабдуваат и во време на криза и дали по секој предизвик излегуваат уште подобро подготвени за следниот.

Според тој критериум, производителите од Персискиот Залив не само што ја зачувуваат довербата на пазарот, туку поставуваат и нов стандард за лидерство во енергетиката во свет кој станува сè понепредвидлив.


Џозеф МекМонигл
Претседател и извршен директор на Глобалниот центар за енергетска анализа

Извор: EnergyConnects

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Add a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *