ОБЈАСНЕТО: Како електричната енергија станува поевтина од „нула“

Замислете да влезете во маркет, да ја наполните количката со производи, а на касата, наместо вие да платите, касиерот да ви даде пари затоа што сте ги земале артиклите. Иако звучи како невозможен сценарио, токму тоа повремено се случува на европските пазари на електрична енергија. Во одредени часови, цената на струјата паѓа под нулата, што значи дека производителите плаќаат некој да ја преземе електричната енергија.

Овој феномен, кој до пред неколку години беше исклучок, денес станува сè почест на европските берзи за електрична енергија, како германската EPEX SPOT или регионалната HUPX. Главната причина е брзото зголемување на производството од сончеви и ветерни електрани, кое во одредени периоди значително ја надминува побарувачката.

Електричната енергија има една суштинска карактеристика, мора да се потроши во моментот кога се произведува. Доколку во мрежата има многу повеќе струја отколку што се троши, операторите мора да го балансираат системот за да избегнат нарушување на неговата стабилност.

РЕКЛАМА

Такви ситуации најчесто се јавуваат во исклучително сончеви или ветровити денови, кога обновливите извори произведуваат максимални количини електрична енергија, а побарувачката е ниска, како за време на викенди, празници или во часовите кога индустријата работи со намален капацитет. Тогаш понудата ја надминува побарувачката, а пазарната цена продолжува да паѓа сè додека не стане негативна.

На прв поглед изгледа логично производителите едноставно да ги исклучат своите електрани. Во пракса, тоа не е секогаш најисплатливото решение. Кај термоелектраните и нуклеарните централи, процесот на запирање и повторно пуштање во работа е технички сложен, временски долг и финансиски скап. Поради тоа, на операторите често им е поисплатливо неколку часа да платат за преземање на вишокот струја отколку да го прекинат производството.

Кај обновливите извори постои уште една економска логика. Во многу европски земји, дел од соларните и ветерните електрани работат со гарантирани откупни цени или други форми на државна поддршка. Ако висината на субвенцијата е поголема од негативната берзанска цена, производителот и понатаму може да оствари позитивен финансиски резултат, иако струјата на пазарот има негативна вредност.

Експертите ова го нарекуваат „ефект на канибализација“ на обновливите извори. Колку повеќе соларни панели и ветерници се изградени во еден регион, толку повеќе сите тие произведуваат струја во истите часови – кога има сонце или ветер. Наместо повисоки приходи, масовното производство доведува до нагло зголемување на понудата и пад на цената. Така, секој нов соларен капацитет без можност за складирање дополнително ја намалува пазарната вредност на електричната енергија произведена во најсончевиот дел од денот.

Сепак, она што за едни претставува загуба, за други е деловна можност. Најголеми добитници од негативните цени се операторите на батериски системи за складирање енергија (BESS). Тие ја полнат батеријата во часовите кога цената е негативна – практично добиваат пари за да ја преземат струјата, а потоа ја продаваат кога побарувачката расте и цените повторно се зголемуваат. Оваа стратегија е позната како енергетска арбитража.

Од ваквите периоди корист имаат и производителите на зелен водород, бидејќи електролизата бара големи количини електрична енергија. Кога струјата е евтина или има негативна цена, производството на водород станува значително поисплатливо. Слично е и кај енергетски интензивните индустрии, како челичарниците, фабриките за алуминиум и големите дата-центри, кои можат да го приспособат работењето според движењето на цените на берзата.

За домаќинствата, пак, негативните цени на берзата не значат автоматски дека ќе добијат пари преку сметките за струја. Поголемиот дел од потрошувачите имаат фиксни тарифи, а крајната цена што ја плаќаат вклучува и мрежарина, трошоци за пренос и дистрибуција, акцизи и ДДВ, кои остануваат позитивни. Сепак, во земјите каде што се воведени динамични тарифи и паметни броила, домаќинствата можат да ги искористат овие периоди за полнење на електричните возила, вклучување на топлинските пумпи или бојлерите токму тогаш кога струјата е најевтина.

Појавата на негативни цени всушност испраќа јасен сигнал дека енергетската транзиција напредува побрзо отколку што се развиваат електроенергетската инфраструктура и системите за складирање. Наместо да се гледа како проблем, овој феномен сè повеќе се смета за поттик за развој на паметни електроенергетски мрежи и флексибилна потрошувачка.

Во иднина, концептот на Demand Response, односно управување со побарувачката, ќе има сè поголема улога. Наместо производството да се приспособува на потрошувачката, паметните системи ќе овозможат потрошувачката автоматски да се прилагодува на количината расположлива електрична енергија. Со помош на дигитални технологии, автоматизација и вештачка интелигенција, индустријата, батериските системи, електричните возила и домаќинствата ќе трошат повеќе струја токму тогаш кога во мрежата има вишок, претворајќи ги негативните цени од пазарен парадокс во важен механизам за поефикасен и поодржлив енергетски систем.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил