Европската електрификација ќе бара значително поголеми инвестиции во електроенергетските мрежи, поголема флексибилност на системот и побрзо приклучување на новите производители и потрошувачи, оцени Европската мрежа на оператори на преносни системи за електрична енергија (ENTSO-E).
Во својот став за Акцискиот план на Европската комисија за електрификација, усвоен на 17 јули 2026 година, ENTSO-E посочува дека електрификацијата е во центарот на европските цели за декарбонизација, конкурентност и енергетска безбедност.
„Патот на Европа кон електрификација не е едноставно замена на еден извор на енергија со друг. Станува збор за градење основа за поконкурентна, побезбедна и поодржлива иднина“, изјави претседателот на Одборот на ENTSO-E, Демијан Кортинас.
Генералната секретарка на ENTSO-E, Соња Тухиг, додава дека мрежата не е само предуслов за оваа трансформација, туку е еден од нејзините суштински столбови.
Организацијата предупредува дека растот на електричната потрошувачка, од електрични возила и топлински пумпи до електрифицирана индустрија, центри за податоци и електролизери мора да биде проследен со навремено проширување и зајакнување на мрежата.
Според ENTSO-E, за реализација на европските планови ќе биде неопходно поефикасно користење на постојната инфраструктура, зголемување на преносниот капацитет, модернизација на мрежните правила и воведување барања што подобро ќе ги опфатат и новите видови потрошувачка.
ENTSO-E издвојува три клучни услови за успех на Акцискиот план: навремени инвестиции во мрежната инфраструктура преку соодветно финансирање, побрзи процедури за дозволи и отпорни синџири на снабдување; поголема флексибилност преку производството, потрошувачката и складирањето; и подобро управување со барањата за приклучување за да се забрза пристапот до мрежата.
Посебно предупредување е упатено кон бавните процедури за дозволи. Повеќе од половина од преносните проекти потребни до 2030 година сè уште чекаат дозволи, што може да го забави приклучувањето на новите капацитети и растот на електричната потрошувачка.
ENTSO-E го поддржува и предлогот за амбициозна индикативна цел за електрификација до 2040 година, оценувајќи дека таа може да им даде поголема сигурност на инвеститорите и на останатите учесници за насоката во која се движи европскиот енергетски систем.
Организацијата најавува дека заедно со европските оператори на преносните системи ќе обезбедува техничка експертиза за развојот на мрежите, како и за интеграцијата на складирањето електрична енергија во системот.
ENTSO-E ги обединува 40 оператори на преносни системи од 36 европски земји, кои се одговорни за безбедно и координирано функционирање на најголемата меѓусебно поврзана електроенергетска мрежа во светот.
Извор: Entose.eu
