ОПЕК+ ги замрзна декемвриските квоти, тешките одлуки остануваат за 2027 година

Земјите членки на ОПЕК+ ги задржаа непроменети целите за производство на нафта за декември, продолжувајќи со досегашната политика до крајот на годината, додека одлуките за производствените квоти во 2027 година се очекува да бидат донесени на министерскиот состанок на 29 ноември.

Одлуката ја донесоа седум клучни членки на групата – Саудиска Арабија, Русија, Ирак, Кувајт, Алжир, Казахстан и Оман – на онлајн состанок во неделата, соопшти ОПЕК.

Иако земјите од Персискиот Залив постепено го зголемуваат извозот, кој со месеци беше нарушен поради војната со Иран, нивното производство и натаму во најголем дел е под утврдените цели. Прекините во снабдувањето и неизвесноста околу обновувањето на транспортот низ Ормускиот Теснец продолжуваат да влијаат врз пазарот.

РЕКЛАМА

Аналитичарот на „Ристад енерџи“, Хорхе Леон, оценува дека задржувањето на декемвриските цели било очекуван и релативно лесен чекор, додека вистинскиот предизвик за групата ќе биде утврдувањето на производствената рамка за следната година.

Според него, ОПЕК+ се соочува со сложена одлука поради неизвесноста околу развојот на конфликтот меѓу САД и Иран, динамиката на нормализирање на протокот на нафта низ Ормускиот Теснец и можниот вишок на понудата кога повторно ќе бидат достапни количините чие снабдување сега е нарушено.

Цените на нафтата минатиот петок пораснаа за повеќе од 2%, при што северноморската нафта „Брент“ ја заврши трговијата на речиси 118 долари за барел, достигнувајќи го највисокото ниво од април. Растот беше поттикнат од стравувањата дека конфликтот со Иран би можел дополнително да се интензивира по изборите за американскиот Конгрес.

Во меѓувреме, Меѓународната агенција за енергија и други аналитички организации предупредуваат на можноста од вишок на нафта на светскиот пазар во 2027 година, доколку извозните текови од земјите во Заливот се вратат во нормала.

Клучен фактор за новите квоти ќе биде производствениот капацитет на членките

ОПЕК+ во текот на поголемиот дел од 2026 година постепено ги зголемуваше производствените цели. Во септември беше завршено постепеното укинување на намалувањето на понудата од 1,65 милиони барели дневно, договорено во 2023 година.

Сепак, останува на сила уште едно ниво на ограничување на производството, од околу два милиони барели дневно, кое ги опфаќа повеќето членки и треба да важи до крајот на 2026 година.

Пред утврдувањето на новите производствени основи за 2027 година, групата треба да ја заврши процената на производствените капацитети на членките во текот на четвртиот квартал. Резултатите од оваа анализа ќе бидат основа за утврдување на идните квоти и за планирање на постепеното укинување на преостанатите ограничувања.

Сите 21 членка на пошироката група ОПЕК+ треба да се состанат на 29 ноември, кога се очекува да одлучуваат за производствената рамка за следната година. Обединетите Арапски Емирати, кои ја напуштија ОПЕК во мај, повеќе не учествуваат во месечните одлуки за производството.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил