Министрите за енергетика на земјите членки на Европската Унија во четвртокот разговараа за мерки за намалување на сметките за енергија на домаќинствата и за зајакнување на сигурноста на снабдувањето пред почетокот на грејната сезона, во услови на раст на цените на нафтата и природниот гас поради конфликтите во Иран, Украина и Јемен.
Еврокомесарот за енергетика Дан Јоргенсен предупреди дека Европа се соочува со енергетска криза која, според неговата оцена, може да биде потешка од онаа во 2021 и 2022 година. Тој посочи дека речиси 50 милиони Европејци не можат соодветно да ги загреат своите домови, а бројот би можел дополнително да се зголеми доколку високите цени продолжат.
Јоргенсен оцени дека ЕУ во оваа криза влегува со подобра подготвеност отколку пред четири години, пред сè поради намалената потрошувачка на гас и диверзификацијата на изворите на снабдување. Според него, потрошувачката на гас во Унијата сега е за 18% пониска во споредба со 2022 година, додека зависноста од рускиот гас е значително намалена, од претходните 45% на снабдување од различни добавувачи ширум светот.
Сепак, тој предупреди дека сегашната криза има пошироки размери бидејќи, покрај гасот, ги опфаќа и нафтата и нафтените деривати. Како пример ја посочи загрозената сигурност на снабдувањето со авионско гориво минатото лето.
Складиштата за гас се пополнети 75%
ЕУ ја дочекува грејната сезона со пополнетост на складиштата за гас од 75%, наспроти 83% во истиот период минатата година.
Во меѓувреме, цените на природниот гас на европските пазари во средата накратко достигнаа 100 евра за мегават-час, првпат од декември 2022 година, кога Европа се соочуваше со последиците од прекинот на најголемиот дел од испораките на руски гас преку гасоводи. Цените сега се околу трипати повисоки од нивото пред почетокот на војната во Иран.
Врз пазарите влијаат оштетувањата на рафинерии на Блискиот Исток и во Русија, како и нарушувањата во транспортот на нафта и гас низ важни поморски рути, меѓу кои Црното Море, Црвеното Море и Ормускиот Теснец.
Европската комисија во средата започна разговори со претставници на рафинерискиот сектор за можностите за зголемување на производството на нафтени деривати. Меѓу разгледуваните опции е и евентуално олеснување на одредени технички спецификации за горивата.
Францускиот министер за енергетика Ролан Лескир изјави дека Европа во следните три месеци ќе ослободи повеќе од 42 милиони барели нафта од резервите, од кои половината ќе бидат во форма на дизел. Ова е дел од пошироката меѓународна акција за забрзано ослободување на повеќе од 400 милиони барели од стратешките резерви.
Предлог за пониски даноци на електричната енергија
На состанокот министрите ќе разговараат и за предлогот на Европската комисија за намалување на сметките за електрична енергија преку промени во даночната политика и надоместоците за користење на мрежата.
Една од разгледуваните можности е електричната енергија да се оданочува со пониска стапка во споредба со природниот гас, со цел да се намалат трошоците за потрошувачите и да се поттикне електрификацијата. Сепак, пред состанокот министрите за енергетика на Шведска и Полска изразија противење на даночните аспекти од предлогот.
Шведската министерка за енергетика Еба Буш предупреди дека Европа и по четири години од почетокот на руската инвазија врз Украина сè уште ја менува зависноста од еден снабдувач со друг, наместо целосно да ја надмине зависноста од надворешни извори.
Таа посочи дека замената на рускиот гас со американски гас отвора нови ризици, особено во контекст на американското учество во конфликтот околу Ормускиот Теснец.
Јоргенсен, од друга страна, ги повика земјите членки да бидат внимателни со прекумерното субвенционирање на фосилните горива, и покрај притисокот врз домаќинствата и економијата од високите цени на енергијата.
Извор: Ројтерс
