Макрон свикува самит на Г7 за ново ослободување на стратешките резерви на нафта

Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека ќе свика самит на земјите од Г7 на кој ќе се разговара за можно ослободување на дополнителни количества нафта и горива од стратешките резерви, во услови на продолжени нарушувања на енергетските пазари поради конфликтот на Блискиот Исток.

Цените на нафтата неделава се искачија до близу 110 долари за барел, пред во петокот да се повлечат кон 104 долари. Притисокот врз понудата дополнително се зголеми по нападот врз саудискиот нафтовод што ги поврзува производствените капацитети на истокот на земјата со извозен терминал на западниот брег.

„Ќе свикам Г7 за да постигнеме напредок во подобрата координација во однос на нивоата на резервите, со поголема соработка и во делот на извозот и производствените капацитети“, изјави Макрон.

РЕКЛАМА

Земјите од Г7 веќе учествуваа во координирано ослободување на нафта од стратешките резерви во март, по потегот на Иран практично да го затвори Ормускиот теснец како одговор на нападите на САД и Израел.

Тогаш беше договорено ослободување на вкупно 400 милиони барели, што претставуваше најголема ваква операција во историјата на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА). До август на пазарот биле пласирани околу 320 милиони барели, но темпото на ослободување во меѓувреме значително забавило.

Најголемиот дел од резервите што досега беа ослободени доаѓаат од американските стратешки залихи на сурова нафта, додека европските земји досега немаа значително активирање на своите резерви на рафинирани нафтени деривати.

Сè уште не е јасно дали евентуалното ново ослободување на резервите би го координирала Г7 или ИЕА. Од ИЕА не дале непосреден коментар за најавата на Макрон.

Паралелно со нафтата, Франција сака координирана реакција и на пазарот на природен гас. Макрон најави дека ќе контактира со претседателката на Европската комисија за да се усогласат мерки на ниво на ЕУ, вклучително и зголемување на резервите на гас.

Европа влегува во зимскиот период со рекордно ниски нивоа на складиран гас. Вообичаено, земјите од ЕУ користат гас од складиштата за да обезбедат околу една третина од потребите во зимските месеци.

„Исклучителни времиња бараат исклучителни мерки, [и затоа] сакаме да дејствуваме и на европско ниво“, рече Макрон.

Најавата доаѓа во период кога високите цени на горивата повторно создаваат притисок врз европските влади. Во Франција, каде Париз моментално претседава со Г7, рибарите во последните денови протестираа и блокираа патишта поради зголемените трошоци за гориво. Владата во петокот го продолжи и механизмот за поддршка на возачите со голема километража, кој требаше да заврши кон крајот на септември.

Германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл изјави дека растот на цените на енергијата особено силно го чувствуваат граѓаните кои зависат од автомобилите.

„Цените на енергијата растат, а секој што се потпира на својот автомобил многу директно го чувствува товарот на бензинските пумпи… Ако сакаме да ја придвижиме Европа напред, мора да одговориме на реалноста со која се соочуваат луѓето“, рече Клингбајл.

Аналитичарот за суровини на UBS, Џовани Стауново, предупреди дека ослободувањето на стратешките резерви може да обезбеди краткорочно олеснување доколку нарушувањата на снабдувањето продолжат, но истовремено ќе ги остави владите со помалку заштита од идни шокови на понудата.

„Имате пожар, ја истурате целата вода што ја имате, а потоа пожарот сè уште гори“, изјави Стауново.

Извор: Financial Times

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил