Македонка на чело на глобалниот соларен сектор во „Вуд Мекензи“

Ивона Кафеџиска е именувана за директорка и глобална раководителка на соларниот сектор во една од водечките светски компании за енергетски анализи и пазарно советување.

Македонката Ивона Кафеџиска е назначена за директорка и глобална раководителка на соларниот сектор во „Вуд Мекензи“ (Wood Mackenzie), во рамките на дивизијата за енергетика и обновливи извори на енергија (Power & Renewables). Таа ќе ја предводи глобалната истражувачка дејност на компанијата во областа на сончевата енергија и ќе биде одговорна за стратешкото насочување на анализите и развојот на производите поврзани со фотоволтаичниот сектор.

Со новата функција, Кафеџиска ќе раководи со истражувачката агенда на компанијата за глобалниот соларен пазар, ќе ги координира анализите на фотоволтаичната индустрија и ќе работи на развој на аналитички производи што им помагаат на компаниите и инвеститорите да ги следат промените и перспективите на секторот.

РЕКЛАМА

Нејзиното назначување доаѓа во период на забрзано преструктурирање на глобалниот енергетски пазар, во кој сончевата енергија има сè позначајна улога во енергетската транзиција, инвестициите и развојот на новите технологии.

Кафеџиска во „Вуд Мекензи“ доаѓа од консултантската компанија E.ON Inhouse Consulting, а зад себе има академска и професионална кариера во истражувањето на фотоволтаичните технологии, енергетските политики и стратешкото советување.

Нејзиниот професионален пат започнува со истражувачка работа во германскиот институт „Фраунхофер“ (Fraunhofer ISE), каде што во рамките на магистерската теза се занимавала со високоефикасни силициумски соларни ќелии. Потоа докторирала во истражувачкиот центар „Хелмхолц“ во Берлин (Helmholtz-Zentrum Berlin), каде што работела на тандем-соларни ќелии што комбинираат технологии од тенкослојни материјали и перовскити.

По докторирањето, продолжила да работи во истиот центар како советничка за истражувачка стратегија и политики во фотоволтаиката. Била вклучена и во Европската технолошка и иновациска платформа за фотоволтаици (ETIP-PV) и Европската алијанса за енергетски истражувања во оваа област (EERA-PV), каде што учествувала во подготовката на стратешки истражувачки агенди за развој на соларната технологија.

Осврнувајќи се на новиот професионален предизвик, Кафеџиска истакнува дека нејзиното досегашно искуство ѝ овозможило да ја согледа енергетската транзиција од различни перспективи – технологија, политики, индустрија и капитал.

Според неа, следната фаза од развојот на соларниот сектор ќе биде обликувана токму на пресекот на овие четири области, а одлуките што ќе се носат во наредните години ќе имаат значително влијание врз иднината на индустријата.

Кафеџиска ја презема функцијата од Мишел Дејвис, која привремено се повлекува од работните обврски поради семејни причини. Дејвис најавила дека во јануари 2027 година ќе се врати на работа во нова улога, со фокус на соларните технологии и складирањето енергија на пазарите во САД, Канада и Латинска Америка.

Назначувањето на Кафеџиска претставува значајно професионално достигнување за македонски експерт во меѓународниот енергетски сектор, особено во една од најдинамичните области на глобалната енергетска транзиција.

Извор: Taiyangnews.info

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил