Зајакнувањето на енергетската инфраструктура, диверзификацијата на изворите на енергија и проширувањето на преносните мрежи ќе бидат клучни за справување со растечката побарувачка на електрична енергија и зголемените геополитички неизвесности, оценува генералниот директор на „Сименс Енерџи“, Кристијан Брух.
Во разговор за „Енерџи Конектс“, Брух посочува дека истовременото влијание на електрификацијата, развојот на вештачката интелигенција и геополитичките тензии ги менува приоритетите во енергетскиот сектор, наметнувајќи потреба од инфраструктура што ќе биде поотпорна на кризи и прекини во снабдувањето.
Според него, досега при планирањето на енергетските системи главно се водело сметка за цената, сигурноста и одржливоста, додека отпорноста на инфраструктурата не добивала соодветно внимание.
– Отпорноста никогаш навистина не беше критериум при проектирањето на енергетските системи. Како индустрија, го занемаривме тој аспект, вели Брух, нагласувајќи дека е неопходно поинакво планирање, со поголем акцент на одржувањето, способноста за брзо закрепнување и локалните капацитети.
Како регион со значителен потенцијал за развој на ваква инфраструктура, тој го издвојува Блискиот Исток, каде што се зголемуваат инвестициите во производствените капацитети и енергетските мрежи. Според Брух, регионот би можел да стане водечки пример за изградба на поотпорни енергетски системи.
Дополнителен предизвик претставува растот на потрошувачката на електрична енергија, која, како што посочува, се зголемува за 3 до 4% годишно, и тоа без да се земат предвид дополнителните потреби од развојот на центрите за податоци.
Притисокот врз индустријата се одразува и врз потребата од проширување на производствените капацитети. Брух наведува дека „Сименс Енерџи“ планира до 2030 година да ги удвои или тројно да ги зголеми капацитетите на своите фабрики, поради силниот раст на побарувачката.
Тој оценува дека главната пречка за реализација на енергетските проекти не е недостигот од финансиски средства, туку способноста тие навремено и ефикасно да се спроведат.
– Капиталот не е ограничувачки фактор. Ограничување е способноста за реализација, истакнува Брух, посочувајќи дека за изградба на поотпорни системи се потребни сигурни синџири на снабдување, развиени локални капацитети, квалификувана работна сила и подобра координација при спроведувањето на проектите.
Како една од можностите за подобро искористување на постојната инфраструктура ја посочува и примената на вештачката интелигенција, која може да придонесе за оптимизација на работењето и зголемување на капацитетот на постојните енергетски системи, без секогаш да биде неопходна изградба на нови објекти.
Во однос на идниот развој на производството на електрична енергија, Брух смета дека одговорот не треба да се бара во изборот на еден извор на енергија, туку во комбинирањето на различни технологии и истовременото зајакнување на преносната инфраструктура.
– Ќе ни требаат повеќе обновливи извори на енергија. Ќе ни треба повеќе гас. Ќе ни требаат повеќе преносни мрежи, нагласува генералниот директор на „Сименс Енерџи“.
Според него, токму комбинацијата на диверзифицирани извори, посилни мрежи, технолошки иновации и поголеми производствени капацитети ќе биде основа за енергетски системи способни да одговорат на идните потреби на економијата и индустријата.
Извор: EnergyConnects.com
