Што нотира Европската комисија за македонскиот енергетски сектор во извештајот за 2026 година

Македонија остварува напредок во трансформацијата на енергетскиот сектор, пред сè преку забрзаниот развој на обновливите извори, проширувањето на организираниот пазар на електрична енергија и новите инфраструктурни поврзувања со соседните земји. Овие промени се меѓу најзначајните поместувања што ги издвојува Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на земјата за 2026 година, во кој се нотира и напредок во усогласувањето на домашното законодавство со европските енергетски правила.

Во споредба со минатогодишниот извештај, особено охрабрувачки е растот на обновливите извори, чие учество во инсталираната моќност и во производството на електрична енергија продолжува да се зголемува. Дополнителен чекор напред е направен со ставањето во функција на пазарот на електрична енергија во текот на денот, донесувањето на Законот за обновливи извори и напредокот во изградбата на електроенергетските и гасните интерконектори.

Европската комисија ја задржува оценката дека Македонија е „умерено подготвена“ во поглавјето „Енергетика“, со констатација за „одреден напредок“, иста како и во 2025 година. Тоа значи дека секторот бележи конкретни резултати, но и дека следниот период треба да биде насочен кон нивно понатамошно надградување, побрза примена на усвоените закони и зајакнување на институционалните капацитети.

РЕКЛАМА

Растот на обновливите извори е еден од највидливите резултати

Најизразен позитивен тренд е зголемувањето на учеството на обновливите извори во домашниот енергетски систем. Според податоците во извештајот, тие достигнале 58,22% од вкупната инсталирана моќност, во споредба со 55,7% во 2024 година и само 17% во 2021 година.

Растот е забележлив и во производството на електрична енергија. Обновливите извори учествувале со 46,37% во вкупното производство, наспроти 41% во 2024 година и 22,8% во 2021 година. Овие показатели ја потврдуваат промената во структурата на домашниот електроенергетски систем, поттикната пред сè од инвестициите во сончеви и ветерни електрани.

Инвестицискиот интерес продолжува да расте. Планот за изградба на енергетски објекти за 2026 година опфаќа 67 објекти со вкупна планирана инсталирана моќност од 4.416 MW, претежно во сончеви и ветерни електрани.

Значаен законодавен исчекор е и донесувањето на Законот за обновливи извори на енергија, со кој се исполнува една од препораките што Европската комисија ја постави и во претходниот извештај. Со ова се создава посоодветна законска основа за понатамошен развој на инвестициите и усогласување со европските стандарди.

Ревидираниот Национален план за енергија и клима, усвоен во април 2026 година, предвидува учеството на обновливите извори да достигне 31,6% во бруто-финалната потрошувачка до 2030 година. Европската комисија посочува дека оваа цел е пониска од целта од 38% поставена за Македонија во рамките на Енергетската заедница, што остава простор за дополнително зголемување на амбициите.

Паралелно со растот на производствените капацитети, потребни се и инвестиции во мрежата, побрзи постапки за издавање дозволи и развој на балансирачки услуги, за електроенергетскиот систем да може сигурно да прифати сè поголемо производство од сонце и ветер.

Нови можности со развојот на пазарот на електрична енергија

Важен напредок е постигнат и во функционирањето на организираниот пазар на електрична енергија. По воспоставувањето на пазарот „ден однапред“ во мај 2023 година, во мај 2026 година започна со работа и пазарот во текот на денот.

Неговото воведување овозможува поголема флексибилност при тргувањето, подобро усогласување на понудата и побарувачката и полесно приспособување на производството од обновливи извори, чие производство зависи од временските услови.

Напредок има и во усогласувањето со европскиот Пакет за интеграција на пазарот на електрична енергија. Во јули 2026 година, Македонија го известила Секретаријатот на Енергетската заедница дека законското усогласување е завршено и дека прописите се доставени на верификација.

Дополнително, операторот на преносниот систем потпишал договор со регионалниот координативен центар СЕЛЕНЕ, со што се отвора простор за поинтензивна регионална координација и поефикасно управување со електроенергетските системи.

Во извештајот за 2025 година Европската комисија го истакна донесувањето на новиот Закон за енергетика како важна основа за интеграција на пазарот. Во најновиот документ веќе се нотираат и конкретни оперативни чекори, што претставува надградба на минатогодишните постигнувања.

Инвестициите во инфраструктурата ја зајакнуваат регионалната поврзаност

Регионалното поврзување е уште една област во која извештајот издвојува конкретни активности. Во тек е изградбата на 400-киловолтниот интерконектор со Албанија, а се подготвува и зајакнување на преносната мрежа во југоисточниот дел од земјата. Предвидена е и техничка помош за дигитализација и позеленување на мрежата во југозападниот и пелагонискиот регион.

Во гасниот сектор, во тек е изградбата на интерконекторот со Грција, чија реализација е планирана за 2027 година, додека поврзувањето со Србија е предвидено до крајот на 2028 година. Овие проекти се значајни за диверзификација на правците за снабдување и за поголема интеграција на Македонија во регионалниот енергетски систем.

Позитивен развој е и повторното ставање во функција на нафтоводот Солун–Скопје во март 2026 година. Во делот на сигурноста на снабдувањето со нафтени деривати, Европската комисија констатира дека земјата е целосно усогласена со европските барања за задолжителни резерви.

Со Акцискиот план за периодот 2026–2030 година е предвидено постепено достигнување на нивото од 90 дена нето-увоз до 2030 година. Според извештајот, државните резерви што ги управува МАКОРА покриваат околу 45 дена нето-увоз, 75 дена потрошувачка на бензин и 58 дена потрошувачка на дизел.

Енергетската ефикасност – следниот простор за поголеми резултати

Покрај позитивните движења во обновливите извори и пазарот, Европската комисија посочува дека енергетската ефикасност останува област во која треба да се забрза спроведувањето на реформите.

Измените на Законот за енергетска ефикасност беа усвоени во октомври 2025 година, но донесувањето на потребните подзаконски акти сè уште доцни. Примената на системот за енергетски сертификати останува ограничена, а иако е усвоена програма за годишно обновување на 3% од јавните објекти, само мал број општини развиваат соодветни програми.

Посебен предизвик е ставањето во функција на Фондот за енергетска ефикасност, основан во 2023 година. Тој сè уште не е оперативен поради административни доцнења, недовршени оперативни документи и нерешени прашања поврзани со управувачкото тело.

Комисијата укажува и на доцнењето на Законот за климатска акција, кој треба да воспостави рамка за климатска политика и јаглеродно ценообразување.

ЕСМ и потребата од баланс меѓу цената на струјата и одржливоста на системот

Во делот на производството од домашни извори, Европската комисија се осврнува на работењето на термоелектраните „Битола“ и „Осломеј“, кои и натаму користат ограничени домашни ресурси на јаглен, но и увоз. Како финансиски предизвик ја издвојува разликата меѓу производната цена на електричната енергија на ЕСМ и продажната цена кон универзалниот снабдувач, што создава континуирани загуби.

Инаку оваа состојба не е новина во Извештајот и е поврзана и со специфичната улога на електричната енергија како социјално чувствителна категорија. Државата свесно внимава на цената што ја плаќаат домаќинствата, со цел да ја задржи струјата достапна и да го заштити животниот стандард на граѓаните. Затоа, цената кон домаќинствата не се формира само според производните трошоци на ЕСМ, туку е дел од поширока социјална и енергетска политика.

Таквиот пристап има значење за потрошувачите, особено во услови на зголемени трошоци за живот, но истовремено бара внимателно балансирање со финансиската одржливост на државниот производител. Предизвикот е да се зачува социјалната функција на цената на електричната енергија, а притоа да се обезбедат доволно средства за одржување, модернизација и постепена трансформација на производствените капацитети.

Посилни институции за да се одржи темпото на транзицијата

Европската комисија го препознава зголемувањето на административниот капацитет со формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, но оценува дека е потребно дополнително зајакнување на техничките и аналитичките капацитети.

Меѓу приоритетите се воспоставување функционален систем за собирање и обработка на енергетски податоци, подобро следење на спроведувањето на политиките и обезбедување доволно специјализиран кадар. Структурите за праведна транзиција се оперативни и имаат усвоено годишен план за 2026 година, но структурите задолжени за спроведување на Националниот план за енергија и клима сè уште не функционираат во целост.

Во областа на енергетската сиромаштија, како позитивен чекор е издвоено усвојувањето методологија за нејзино мерење. Следниот чекор е воспоставување законска дефиниција и национална цел за намалување на енергетската сиромаштија, што би овозможило мерките за поддршка да бидат подобро насочени кон домаќинствата на кои им се најпотребни.

Комисијата ја нагласува и потребата од почитување на автономијата на Регулаторната комисија за енергетика, како и од усогласување со европските правила за подготвеност при ризици и сајбер-безбедност на енергетската инфраструктура.

Трите приоритети за следната година

Во препораките за наредниот период Европската комисија ги задржува трите главни насоки од минатогодишниот извештај:

  • зајакнување на техничките капацитети на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини;
  • целосно усогласување и започнување со примена на европското законодавство за интеграција на пазарот на електрична енергија, обновливите извори и енергетската ефикасност;
  • доследно спроведување на Националниот акциски план за енергетика, Националниот план за енергија и клима и Патоказот за праведна транзиција, со подобро известување и функционален систем за енергетски податоци.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил