Словенија: Новиот дата центар во Марибор ќе има моќност од 10 MW

Најголемиот центар за податоци во Словенија, кој се гради во Марибор под управување на Академската и истражувачката мрежа на Словенија (Арнес), ќе има потреба од електрична моќност до 10 мегавати кога целосно ќе биде опремен и ставен во функција. Објектот е поврзан со хидроцентралата Мариборски Остров, што ќе овозможи пофлексибилно снабдување со електрична енергија и намалување на оптоварувањето на дистрибутивната мрежа.

Од Арнес за словенечкиот портал „Наш стик“ објаснуваат дека постојната трансформаторска станица обезбедува приклучна моќност до 1,6 мегавати, но таа постепено ќе се зголемува за да одговори на потребите на идниот суперкомпјутер и придружните системи.

Во веќе подготвените простории ќе бидат поставени дополнителни трансформаторски станици со вкупна моќност од 6,2 мегавати, а предвиден е и простор за уште една станица со моќност од 3,2 мегавати.

РЕКЛАМА

Центарот се наоѓа во непосредна близина на седиштето на компанијата „Дравске електрарне“ и е поврзан со електродистрибутивната мрежа преку директен вод до хидроцентралата Мариборски Остров. Од Арнес посочуваат дека ваквото решение овозможува поголема флексибилност во снабдувањето, особено кога електричната енергија се обезбедува од хидроцентралата, при што се намалува оптоварувањето на дистрибутивната мрежа.

Посебно внимание при изградбата е посветено и на системите за ладење. За класичните сервери е предвидено воздушно ладење, додека помоќните сервери и новиот суперкомпјутер ќе користат течно ладење.

Проектот предвидува и можност за искористување на вишокот топлина од работењето на центрите за податоци за затоплување на градот Марибор. За оваа намена веќе е подготвен проектен документ, а во тек се разговори со клучните институции. Сепак, од Арнес посочуваат дека финансиските средства за реализација на ова решение сè уште не се обезбедени.

Почеток на работењето во првата половина на 2027 година

Арнес го презеде објектот на 28 август годинава, а на 22 октомври ја доби употребната дозвола. По завршувањето на административните постапки, започнува опремувањето на центарот и преместувањето на дел од постојната опрема од Љубљана во Марибор.

Активното работење на најголемиот дел од услугите на Арнес во новиот центар се очекува да започне во првата половина на 2027 година, кога е планирано и неговото официјално отворање.

За изградбата на објектот, на почетокот на 2022 година беа одобрени 14,67 милиони евра, од кои 11,83 милиони евра се европски средства од Механизмот за закрепнување и отпорност.

Новиот центар значително ќе ги зголеми и капацитетите за долгорочно чување на истражувачки податоци, кои ќе достигнат 30 петабајти. Истовремено, ќе овозможи надградба на компјутерскиот кластер на Арнес и обезбедување напредни компјутерски услуги за образовните и научноистражувачките институции, како и за културните установи, вклучувајќи универзитети, институти, библиотеки и музеи.

Во периодот од 2027 до 2028 година во центарот е планирано да биде инсталиран и најмоќниот суперкомпјутер во Словенија. Проектот ќе се реализира во соработка со Институтот „Јожеф Стефан“ и Институтот за информациски науки (ИЗУМ), а финансирањето е обезбедено преку проектот Словенечка фабрика за вештачка интелигенција (СЛАИФ).

Од Арнес посочуваат дека преку овој проект пристап до компјутерските капацитети ќе добијат и компаниите и други институции кои вообичаено не ги исполнуваат условите за користење на услугите на академската и истражувачката мрежа.

Со новата инфраструктура, Словенија добива значително поголеми капацитети за обработка и чување податоци, истражување и развој на вештачката интелигенција, при што енергетското снабдување, ефикасното ладење и потенцијалното искористување на отпадната топлина се дел од решенијата вградени во проектот.

Извор: Nas-stik.si

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил