Европската инвестициска банка (ЕИБ) за првпат инвестира во развој на мали модуларни нуклеарни реактори (SMR), во обид да го поддржи развојот на новата генерација нуклеарни технологии во Европа.
ЕИБ ќе обезбеди заем од 40 милиони евра на финскиот стартап Steady Energy, кој развива мал модуларен реактор наменет за производство на топлинска енергија за системите за централно греење.
Станува збор за реактор со капацитет од 50 MW, кој сè уште е во концептуална фаза. Дизајнот се базира на постојната технологија на реактори со лесна вода, при што водата се користи за забавување на нуклеарната реакција и за ладење на реакторот. Предвидено е реакторот да биде изграден под земја, со цел да се зголеми неговата безбедност.
Од ЕИБ за „Ројтерс“ потврдиле дека заемот за Steady Energy е првата инвестиција од планираниот пакет вложувања во мали модуларни реактори.
SMR реакторите имаат помал капацитет од конвенционалните нуклеарни централи, до околу 300 MW, наспроти околу 1 GW кај големите реактори. Една од нивните главни предности е можноста деловите да се произведуваат во фабрики и потоа да се транспортираат до локацијата, што би можело да овозможи побрзо и пофлексибилно проширување на нуклеарното производство.
Технологијата привлекува сè поголем интерес и од индустриите со висока потрошувачка на електрична енергија, особено од операторите на центри за податоци, кои бараат стабилни извори на нискојаглеродна енергија достапни 24 часа дневно.
Во моментов, само два комерцијални мали модуларни реактори работат во светот, во Русија и Кина. Европската комисија сака првите европски SMR реактори да започнат со работа во почетокот на 2030-тите.
„Поддршката на ЕИБ за нуклеарната енергија испраќа позитивен сигнал до инвеститорите“, изјави Емануел Брутин, раководител на индустриското здружение nucleareurope.
Иднината на нуклеарната енергија и натаму е предмет на поделби меѓу земјите членки на ЕУ. Франција и Шведска се меѓу земјите кои активно ја поддржуваат нуклеарната енергија, додека Германија и Австрија традиционално се противат, повикувајќи се на ризиците поврзани со безбедноста и управувањето со нуклеарниот отпад.
Иако буџетот на ЕУ директно не финансира нуклеарни централи, заемот за Steady Energy е поддржан со гаранција од буџетот на ЕУ.
Според Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), во светот се развиваат повеќе од 80 дизајни на мали модуларни реактори, што укажува на забрзан интерес за оваа технологија.
Извор: Ројтерс
