Азербејџан до крајот на годината најавува тендер за зелениот коридор кон Европа

Проектот за зелен енергетски коридор што треба да ги поврзе Азербејџан, Грузија и европскиот пазар до крајот на годинава би можел да влезе во нова фаза, подготовка на тендерот и конечната инвестициска одлука, најави заменик-министерот за енергетика на Азербејџан, Орхан Зејналов.

Станува збор за повеќегодишен проект за пренос на електрична енергија од обновливи извори од Азербејџан и Грузија кон Европа, преку нова подморска врска под Црното Море и проширување на постојните копнени интерконекции. Крајната цел е поврзување на енергетските системи на Азербејџан, Грузија, Романија и Унгарија.

„Ова е стратешки проект што го реализираме со нашите партнери во Грузија, Романија и Унгарија. Студијата за изводливост неодамна е завршена и до крајот на годинава ќе ја започнеме следната фаза“, изјави Зејналов на брифинг во Баку, пренесува SeeNews.

РЕКЛАМА

Најголемиот инфраструктурен дел е планираната електрична интерконекција меѓу Грузија и Романија преку Црното Море. Кабелот би бил долг околу 1.155 километри, од кои 1.115 километри би минувале под морето, а околу 40 километри би биле на копно.

Интерконекцијата е планирана со напон од 525 kV и почетен преносен капацитет од 1,3 GW. Според најавите од Азербејџан, поширокиот коридор би можел постепено да достигне капацитет за извоз на до 4 GW електрична енергија.

Покрај електричниот кабел, долж трасата е планирано да биде поставен и оптички комуникациски кабел.

„Ова е проект вреден повеќе милијарди долари. Очекуваме првиот кабел да биде пуштен во работа од 2032 година“, рече Зејналов.

Според него, новата инфраструктура би овозможила дополнителни количини електрична енергија да стигнуваат до европскиот пазар, што, како што оцени, може да придонесе и за стабилизирање на цените на енергијата.

Основата за проектот беше поставена во декември 2022 година, кога Азербејџан, Грузија, Романија и Унгарија потпишаа договор за стратешко партнерство за развој и пренос на зелена енергија.

Во 2024 година операторите на преносните системи на четирите земји – Transelectrica од Романија, AzerEnerji од Азербејџан, Georgian State Electrosystem и унгарската MVM – формираа заедничка компанија, Green Energy Corridor Power Company (GECO), со седиште во Букурешт, која го развива проектот.

Коридорот во мај 2025 година беше предложен за вклучување во десетгодишниот план за развој на европската електропреносна мрежа (TYNDP) на ENTSO-E. Конечната верзија на планот се очекува до крајот на 2026 година.

Учесниците во проектот планираат да побараат и негово вклучување во листите на ЕУ за проекти од заеднички интерес (PCI) и проекти од взаемен интерес (PMI).

За проектот веќе постои интерес и во поширокиот регион. Бугарија и Србија изразија подготвеност да се приклучат кон иницијативата, со што коридорот би можел да добие пошироко регионално значење.

Развојот на електроенергетската врска се вклопува во европските напори за диверзификација на снабдувањето и развој на нови извори на електрична енергија. Азербејџан паралелно ја зајакнува и својата улога како снабдувач на природен гас за европскиот пазар. Според стратешкото енергетско партнерство со ЕУ од 2022 година, целта е капацитетот на Јужниот гасен коридор да се удвои, со испорака на најмалку 20 милијарди кубни метри гас годишно за ЕУ до 2027 година.

Извор: SeeNews.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил