Германија влегува во зимата со невообичаено ниско ниво на резерви на природен гас, но снабдувањето во моментов не е загрозено, бидејќи земјата има поширока и поотпорна структура на увоз отколку во енергетската криза во 2022 година, изјави извршниот директор на германскиот увозник на гас VNG, Улф Хајтмилер, за агенцијата „Ројтерс“.
Германските складишта за природен гас во моментов се пополнети околу 57%, што е значително под европскиот просек и историски ниско ниво за крајот на септември.
„Во споредба со 2022 година, системот во целина е многу поотпорен. Имаме поголем пристап до ЛНГ и ја проширивме нашата позиција во однос на изворите на снабдување“, изјави Хајтмилер.
VNG, со седиште во Лајпциг и во мнозинска сопственост на енергетската компанија EnBW, во 2025 година набавила 409 TWh природен гас, со што е меѓу најголемите увозници на гас во Германија. Компанијата управува и со гасоводи и складишта.
VNG добива гас преку гасоводи од Норвешка, а има обезбедено и договори за испорака од Алжир и Азербејџан. Овие извори добија поголемо значење за европскиот пазар по прекинот на испораките на руски гас преку гасоводи по руската инвазија врз Украина.
„Нашето портфолио го поставивме така што можеме да ги исполниме обврските кон нашите клиенти дури и во случај на студена зима“, рече Хајтмилер.
Тој сепак посочи дека нивото на складиран гас е само еден од факторите што ја одредуваат сигурноста на снабдувањето. Дополнителни прекини во увозот, недостиг на гас на глобалниот пазар или проблеми со инфраструктурата, особено доколку се совпаднат со постудено време, би можеле да предизвикаат нов скок на цените во текот на зимата.
Цената на природниот гас во Европа годинава повеќе од двојно се зголемила и достигна околу 75 евра за MWh. Според „Ројтерс“, врз цените влијаеше и затворањето на Ормускиот теснец во услови на конфликтот меѓу Иран и САД, што го ограничи глобалното снабдување со ЛНГ.
Минатата недела европскиот комесар за енергетика Дан Јоргенсен предупреди дека ЕУ се соочува со енергетска ценовна криза во текот на зимата и ги повика земјите членки да продолжат со полнењето на складиштата и мерките за намалување на потрошувачката.
Германската влада засега се спротивставува на директна интервенција за забрзување на полнењето на складиштата, но го поддржа распишувањето тендери за обезбедување резервни количини гас за првиот квартал од 2027 година.
Хајтмилер ја поздрави оваа мерка, оценувајќи дека таа создава поттик за складирање гас без директно нарушување на пазарните механизми.
Тој ја поддржа и идејата за формирање стратешка резерва на гас, која се разгледува во Берлин, со цел да се обезбеди дополнителна заштита од екстремни прекини во снабдувањето, со кои пазарот би можел тешко да се справи самостојно.
Извор: Ројтерс
