РКЕ ја засилува заштитата од сајбер напади во енергетиката

Скопје. 15 мај 2026 – Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе нови Правила за сајбер безбедност кои ќе важат за објектите за производство, складирање, како и системите за пренос и дистрибуција на електрична енергија. Со новата регулатива, РКЕ значително ја зајакнува својата улога во областа на сајбер безбедноста, со цел да се обезбеди поголема сигурност, стабилност и доверба во енергетскиот систем, во интерес на граѓаните, стопанството и националната безбедност.

Правилата ќе се применуваат на МЕПСО, Електродистрибуција, МЕМО, снабдувачите со електрична енергија, големите производители со капацитет над 200 мегавати, операторите на складишта за електрична енергија, НОМАГАС, операторите за дистрибуција на гас, како и операторите на постројки за производство на водород и биогас.

Станува збор за подзаконски акт усогласен со европските стандарди, чија имплементација треба да придонесе за посилна заштита на државниот енергетски систем од сајбер напади и технолошки ризици.

РЕКЛАМА

Новите правила предвидуваат воспоставување јасни протоколи за управување со ризици, инциденти и кризни состојби, како и обврска за известување во случај на сериозни сајбер напади. Дополнително, се предвидуваат планови за закрепнување и редовни обуки за подигање на свеста и подготвеноста за справување со сајбер закани.

Енергетските компании кои управуваат со критична инфраструктура ќе имаат обврска во рок од 30 дена да назначат посебен службеник за сајбер безбедност, во рок од шест месеци да формираат тимови за сајбер заштита, а најдоцна за една година да изработат проценка на ризици, планови за закрепнување во случај на сајбер напад и системи за резервни копии.

Со новите правила, РКЕ воведува целосно нов регулаторен модел, кој од досегашната техничка сајбер заштита преминува кон управување со ризици од национално значење, со што сајбер безбедноста станува еден од клучните столбови на енергетската стабилност на државата.

Извор: РКЕ

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил