Голдман Сакс прогнозира раст на светската економија од 2,8% во 2027 година, поради поевтинувањето на енергенсите

Светската економија во 2027 година ќе оствари раст од 2,8%, наспроти прогнозираниот раст од 2,7% за годинава, предвидува истражувачкиот тим на американската финансиска групација „Голдман Сакс“. Според анализата, очекуваното стабилизирање и поевтинување на енергенсите, заедно со продолжувањето на инвестициите во вештачка интелигенција, ќе бидат главните двигатели на глобалниот економски раст.

Главниот економист на „Голдман Сакс Рисрч“, Јан Хациус, оценува дека по неколку години во кои високите енергетски цени претставуваа значително оптоварување за економиите, во 2027 година нивното влијание би можело да се промени и да стане умерен поттик за економската активност.

Според основното сценарио на аналитичарите на компанијата, цената на суровата нафта „Брент“ би можела да се спушти на околу 78 долари за барел до крајот на 2027 година, доколку продолжи приспособувањето на снабдувањето од Блискиот Исток. Слично нормализирање се очекува и кај цените на течниот природен гас на светските пазари.

РЕКЛАМА

Ова би претставувало значајна промена во однос на годинашните движења, кога нарушувањата во снабдувањето и геополитичките тензии придонесоа за зголемување на енергетските трошоци. Сепак, во Европа ефектот од пониските цени би можел да се почувствува со одредено задоцнување, поради постепеното пренесување на трошоците за енергија врз крајните потрошувачи.

Во однос на главните економии, „Голдман Сакс“ очекува САД, Јапонија и Велика Британија да остварат подобри резултати од просечните пазарни прогнози. Американската економија ќе продолжи да има корист од отпорните инвестиции, додека за Европа се предвидува послаб раст поради построгите финансиски услови и влијанието на повисоките енергетски трошоци.

Значаен придонес за светскиот раст се очекува и од инвестициите во вештачка интелигенција. „Голдман Сакс“ прогнозира дека глобалните номинални инвестиции во овој сектор ќе достигнат 1,8 билиони долари во 2027 година, во споредба со 1,1 билион долари годинава. Најголем дел од дополнителните вложувања се очекува да бидат насочени кон хардвер, особено во САД.

Според проценките, инвестициите во вештачка интелигенција би можеле да придонесат со дополнителни 0,4 процентни поени во растот на светскиот БДП во 2027 година, додека во САД нивниот придонес би изнесувал 0,6 процентни поени.

Сепак, аналитичарите предупредуваат дека придобивките од вештачката интелигенција нема веднаш да се одразат преку значително повисока продуктивност. Првата фаза од развојот е обележана со големи инвестиции во технологија и опрема, додека позначајните ефекти врз продуктивноста се очекуваат во следната фаза, кога компаниите ќе ги приспособат своите деловни процеси.

Во исто време, пошироката примена на вештачката интелигенција може да донесе и промени на пазарот на трудот, вклучително и укинување на одредени работни места. „Голдман Сакс“ очекува влијанието врз вработеноста да биде ограничено во 2027 година, но поизразени ефекти се можни во периодот 2028-2029 година.

За кинеската економија се прогнозира раст од 4,5% во 2027 година, нешто над консензусот на економистите од 4,4%. Овој резултат се очекува да биде поткрепен пред сè од силниот извоз и натамошното зголемување на трговскиот суфицит, додека домашната побарувачка ќе остане послаба поради проблемите во секторот на недвижности и воздржаната потрошувачка.

Кинескиот извоз, според анализата, би можел да создаде дополнителен притисок врз производствените економии. Германија би можела да се соочи со негативен ефект од 0,3 процентни поени врз растот, а земјите од Централна Европа со 0,2 процентни поени.

Пониските цени на енергенсите се очекува да придонесат и за забавување на инфлацијата во текот на 2027 година. Во САД, базичната инфлација, мерена преку индексот на личната потрошувачка без најпроменливите компоненти, според прогнозата би се спуштила од 3,2% на крајот на 2026 година на 2,4% на крајот на следната година.

Ова би можело да им овозможи на централните банки постепено да ја ублажуваат монетарната политика во втората половина на 2027 година, доколку инфлациските притисоци продолжат да стивнуваат.

Сепак, „Голдман Сакс“ предупредува дека ризиците за глобалната економија се насочени кон послаб раст од очекуваниот. Меѓу главните неизвесности се евентуалната нова ескалација на конфликтот со Иран, која би можела повторно да предизвика нагло зголемување на цените на енергенсите, високите буџетски дефицити и можноста инвестициите во вештачка интелигенција да бидат помали од предвидените.

„Очекуваме уште една година на солиден, но не и исклучителен економски раст во 2027 година, иако дел од факторите што го обликуваа глобалниот раст во 2026 година ќе имаат поинакво влијание“, наведува Хациус во анализата.

Извор: GoldmanSachs.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил