Европските енергетски компании ангажираат безбедносни експерти по серијата саботажи и сајбернапади

Европските енергетски компании сè повеќе ангажираат експерти за одбрана, безбедност и геополитика за да ја заштитат критичната инфраструктура од потенцијални саботажи, хибридни операции и сајбернапади, во услови на зголемени безбедносни закани поврзани со Русија и други држави.

Компаниите, особено операторите на електроенергетските мрежи и рафинериите, ги засилуваат безбедносните подготовки, а дел од нив во своите тимови вклучуваат поранешни функционери на НАТО и дипломати со искуство во меѓународните односи и безбедносната политика.

Финските енергетски компании „Фортум“ и „Несте“ се меѓу примерите за овој тренд. „Фортум“ годинава го ангажираше Саму Паукунен, поранешен висок функционер на НАТО, додека во „Несте“ се приклучи поранешниот фински амбасадор во Велика Британија, Данска и Јапонија, Јука Сиукосаари.

РЕКЛАМА

Според Паукунен, инцидентите со беспилотни летала и другите форми на хибридни напади ја зголемиле итноста компаниите да развиваат сопствени капацитети за геополитичка анализа и зајакнување на отпорноста на инфраструктурата. Тој посочува дека операторите мора да планираат алтернативни решенија и да инвестираат во подготовка за сценарија што до неодамна се сметаа за малку веројатни.

Сиукосаари, пак, објаснува дека неговата улога во „Несте“ е слична на дипломатската, со акцент на анализата на геополитичките ризици. Тоа е особено важно за компанија која суровини за производство на биогорива набавува од околу 70 земји.

Потребата од посилна заштита на енергетските капацитети ја нагласи и извршниот директор на „Сименс Енерџи“, Кристијан Брух, кој оцени дека европската енергетска инфраструктура сè уште не е соодветно заштитена од напади.

Тој предупреди дека нападите врз трафостаници во Германија, како и искуствата од Украина и Обединетите Арапски Емирати, покажуваат дека постојните системи за заштита не се доволни и дека подготовките мора да започнат навреме.

Во меѓувреме, Европската комисија подготвува ревизија на европската рамка за енергетска безбедност, која треба да биде претставена годинава. Се очекува новиот пристап да посвети поголемо внимание на физичката заштита на енергетските објекти, покрај досегашниот фокус на сигурноста на снабдувањето со енергија.

Камил Гранд, генерален секретар на здружението на одбранбената индустрија АСД Европа, оценува дека во Европа се отвора сè посериозна дебата за тоа како енергетските компании да ги заштитат своите постројки. Според него, по руските напади врз украинската електроенергетска мрежа и хибридните операции врз европската инфраструктура, станува сè појасно дека заштитата на енергетските капацитети мора да вклучува и одбранбени мерки, вклучително и противвоздушна заштита.

Заканите не се ограничени само на физички напади. Сајбербезбедноста станува еднакво важен дел од стратегиите на енергетските компании, особено поради зголемениот број обиди за нарушување на работењето на електроенергетските и гасните системи.

Анализа на Меѓународната агенција за енергетика покажува дека типичен оператор во секторот за електрична енергија и природен гас во 2024 година се соочувал со повеќе од 1.500 сајберзакани неделно, што е трипати повеќе во споредба со 2020 година.

Енергетските компании, покрај инвестициите во сопствените системи за заштита, бараат и поинтензивна размена на информации со разузнавачките служби и државните институции. Се разгледува и користењето напредни модели на вештачка интелигенција за побрзо откривање и спречување на сајбернапади.

Сепак, експертите предупредуваат дека ниту највисокото ниво на подготвеност не може целосно да ги исклучи ризиците. Целта на засилените безбедносни мерки е да се отежнат нападите, да се намалат нивните последици и да се обезбеди континуирано функционирање на енергетските системи.

Извор: Financial Times

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил