Шест големи хидроелектрани во земјава ќе бидат модернизирани со инвестиција од околу 46 милиони евра, со која ќе се замени застарената опрема, ќе се продолжи работниот век на постројките и ќе се зголеми нивната производна и оперативна ефикасност.
Проектот ги опфаќа хидроелектраните Вруток, Врбен, Равен, Тиквеш, Шпилје и Глобочица, кои се дел од хидроенергетските системи „Маврово“, „Црн Дрим“ и „Тиквеш“.
Финансирањето е обезбедено со 35 милиони евра заем од германската развојна банка КфВ и 10,7 милиони евра неповратни средства од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Со модернизацијата се очекува да се намалат прекините во работата, да се зголеми сигурноста на постројките и да се обезбедат дополнителни можности за балансирање и испорака на електрична енергија во електроенергетскиот систем.

Претседателот на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, изјави дека проектот ќе донесе зголемување на инсталираниот капацитет и на производството.
„Придобивките од модернизацијата се директни и мерливи – го продолжуваме работниот век и го зголемуваме инсталираниот капацитет кај големите хидроелектрани за дополнителни 13,5 мегавати, со што обезбедуваме ново годишно производство од 50 гигават-часови чиста електрична енергија. Зголеменото производство и обем на системски балансни услуги, ќе ни донесат најмалку 5 милиони евра дополнителни годишни приходи“, изјави Узунчев.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека модернизацијата на хидроелектраните е значајна за зголемување на производното портфолио на ЕСМ во делот на обновливите извори на енергија.
„Одиме во насока на целта на оваа Влада да бидеме нето-нула кога ќе се направи одземање, односно разлика на произведената и потрошената електрична енергија. Веќе неколку месеци се движиме над или околу 95%. Значи, полека, но сигурно се ближиме кон целта, а тоа е да бидеме нето-нула на крајот од годината. Јас веќе мислам дека следната година дури ќе имаме и одредени вишоци“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека за рехабилитацијата на хидроцентралите се разговарало уште во периодот кога бил директор на АД ЕЛЕМ, но дека подолг период немало напредок во реализацијата на проектот.
„Добро е што денеска, еве, раководството на АД ЕСМ, заедно со финансиските институции коишто го обезбедија финансирањето на овој проект, нешто преку грант, нешто преку, би рекол, поволен кредит, ќе овозможи зголемување на портфолиото на производство на АД ЕСМ во делот на обновливите извори на енергија, во делот на хидропотенцијалот. Со тоа ќе се обезбеди квалитетна електрична енергија, кога зборувам за квалитетна, тука мислам на енергија којашто може да врши секундарно и терцијарно прилагодување во рамките на системот“, рече Мицкоски.

Амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, посочи дека Северна Македонија располага со значителен хидропотенцијал, но дека за негово целосно искористување е потребна модернизација на постојните постројки.
„ЕУ придонесе за ревитализација на 6 хидроелектрани со грант во износ од 11,2 милиони евра. Преку Планот за раст, ќе продолжиме со финансиска и советодавна поддршка за енергетскиот сектор во земјата“, изјави Рокас.
Проектот е насочен кон подобрување на перформансите на постојните хидроенергетски капацитети, зголемување на производството од обновливи извори и поголема флексибилност на електроенергетскиот систем.
Енергетика 24
