Одлуката на американската администрација да воведе санкции против двете најголеми руски нафтени компании, ја втурна Бугарија во сериозна енергетска спирала, каде економските сметки, геополитиката и домашната политика се преплетуваат околу едно име – „Лукоил“.
Пред неколку дена, бриселскиот политички магазин, Politico, објави дека владата во Софија разгледува можност да побара ослободување од американските санкции кон руската нафтена групација, кои би можеле тешко да ја погодат рафинеријата „Лукоил Нефтохим Бургас“. Американскиот претседател Доналд Трамп веќе одбил слично барање од својот унгарски сојузник Виктор Орбан, што ја прави бугарската позиција уште понеизвесна.
Причината е јасна, доколку санкциите на Вашингтон се спроведат без исклучок, најголемата рафинерија на Балканот, која обезбедува до 80 % од горивото во Бугарија, може да престане со работа. Во Софија стравуваат од недостиг на горива, раст на цените и социјална реакција, која што лесно би можела да предизвика нов политички потрес.
Паралелно со ова, бугарскиот парламент донесе и забрана за извоз на дизел, авио-гориво и други нафтени деривати, произведени токму во Бургас. Намерата била да се заштити домашниот пазар, но економистите предупредуваат дека таквиот потег може да има обратен ефект врз државните финансии.
Поранешниот министер за енергетика Александар Николов изјави дека државата може да губи околу 100 милиони лева месечно (околу 51 милион евра). Според него, „Лукоил Нефтохим“ е најголемиот даночен обврзник во земјата, поврзан со над три илјади локални компании кои создаваат дополнителни приходи за буџетот. Минатата година внатрешниот пазар на горива бил вреден приближно 5 милијарди лева (2,55 милијарди евра), а извозот достигнал уште 4 милијарди (околу 2,05 милијарди евра). Од тие девет милијарди, во буџетот се вратиле меѓу 1,2 и 1,5 милијарди лева (околу 610 до 770 милиони евра) преку даноци и акцизи. Со запирањето на извозот, тој прилив речиси ќе пресуши.
Дополнителна закана покрај американските санкции кон руските енергетски компании „Лукоил“ и „Роснефт“, претставува и фактот дека Бирото за контрола на странски средства при американското Министерство за финансии (OFAC) јасно наведува дека мерките се однесуваат на сите компании во кои Русија има мнозинска сопственост, без оглед на тоа каде се регистрирани. Тоа значи дека и рафинеријата во Бургас, иако формално бугарска, е во опасната зона.
Претседателот на Бугарската нафтена и гасна асоцијација, Светослав Бенчев, објаснува дека рафинеријата веќе работи со загуба — околу 107 милиони евра во 2024 година, и дека затоа не претставува извор на финансиски текови кон Москва. Но тоа, според експертите, не е доволна гаранција дека американските власти ќе направат разлика.
Од Центарот за истражување на демократијата (ЦИД) пак, предупредуваат дека Бугарија мора итно да ја преземе контролата врз рафинеријата, да побара временско изземање од санкциите и потоа да ја продаде на западен инвеститор, по примерот на Германија. Таму, државата го презеде управувањето со рафинеријата на „Роснефт“ во Швед и доби шестмесечен грејс-период од Вашингтон.
Во исто време, од „Лукоил“ соопштија дека постигнале договор со трговската компанија „Gunvor“ за продажба на своите странски актива, вклучително и оние под закана од санкции. Според информациите, зделката ќе може да се реализира само со одобрение од американските власти, што ја остава Бугарија во неизвесна положба.
Проблемот, како што предупредува Politico во својата анализа, не е само економски. Владата на Росен Жељазков стравува дека бугарските банки ќе престанат да го финансираат и услужуваат „Лукоил“, што би значело замрзнување на работењето, недостиг на горива, протести и можен колапс на кабинетот. Таков развој, пишува изданието, би можел да ја зајакне позицијата на претседателот Румен Радев, кој има популистичка и во делови проруска база на поддршка и веќе најави идеја за создавање нов политички проект.
Поранешниот министер за животна средина Јулијан Попов додава дека владата е „недоволно подготвена“ и дека нема „реален план за итни случаи“. Тој предлага Софија, доколку мора да интервенира, да го преземе оперативното управување со рафинеријата во координација со меѓународен совет од странски експерти и правници, за да се избегне хаос и можно нарушување на пазарот.
Иако властите уверуваат дека нема ризик од непосредна криза, резервите не се бесконечни. Бугарија има државни залихи на гориво за околу три месеци, од кои половината се складирани во земјата, а остатокот во партнерски држави како Словенија и Унгарија. Но ако до 21 ноември не се најде политичко и економско решение, владата ќе мора да преземе директна контрола врз „Лукоил Нефтохим“, чекор што ќе ја втурне во комплексна геополитичка игра меѓу Вашингтон, Москва и Брисел.
Кризата со „Лукоил“ не е само прашање на гориво, туку на суверенитет, зависности и европска безбедност. Таа покажува колку длабоко руската енергетска инфраструктура останала вградена во економиите на Источна Европа, и колку скапо може да чини секој обид за нагло откажување од неа. За Бугарија, решението ќе бара фин баланс меѓу реалноста на пазарот и притисоците на сојузниците.
Во меѓувреме, времето тече, а секој изминат месец без решение ја чини државата нови 100 милиони лева, односно околу 50 милиони евра.
Енергетика 24
