Цените на нафтата забележаа остар пад од над четири проценти и се спуштија на најниско ниво во последните два месеца, откако американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече заканите за нови воени напади врз Иран, намалувајќи ги стравувањата од понатамошна ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.
Според податоците од светските берзи, северноморската нафта „Брент“ поевтини за 4,22% и се тргуваше по цена од 86,57 долари за барел, додека американската сурова нафта WTI загуби 4,33% од вредноста и достигна цена од 83,91 долари за барел. И двата референтни типа нафта се на најниско ниво од средината на април.
Пазарите реагираа позитивно на изјавата на Трамп дека разговорите со Техеран напредуваат и дека мировен договор, кој би овозможил повторно отворање на Ормускиот Теснец за меѓународниот бродски сообраќај, би можел да биде потпишан веќе во текот на викендот.
Иранските власти потврдија дека значителен дел од договорот е веќе усогласен, иако конечната одлука сè уште не е донесена. Според иранската новинска агенција „Мехр“, завршните преговори ќе бидат насочени кон нуклеарните и економските прашања, додека ракетната програма на Иран нема да биде предмет на разговорите.
„Пазарот повторно е воден од политичките наслови. Сè поголема е довербата дека ќе биде постигнат договор и дека Ормутскиот Теснец повторно ќе биде отворен“, изјави Тамаш Варга, аналитичар во PVM Oil Associates.
Сепак, експертите предупредуваат дека ризиците не се целосно отстранети. Светските и регионалните резерви на нафта остануваат релативно ниски, а потребно е време за целосно нормализирање на снабдувањето, дури и во случај на постигнување договор.
Дополнителна неизвесност создава фактот што Иран претходно објави затворање на Ормутскиот Теснец и се закани дека ќе дејствува против бродовите кои ќе се обидат да минат низ оваа стратешки важна поморска рута. Преку теснецот вообичаено поминуваат околу 20% од светските испораки на нафта и течен природен гас.
Од друга страна, американската војска соопшти дека комерцијалните бродови и понатаму транзитираат низ теснецот.
Аналитичарите од ING оценуваат дека клучниот момент за пазарот би можел да настапи кон крајот на јули. Доколку до тогаш не се обноват редовните испораки на нафта преку Ормутскиот Теснец, ниските залихи и сезонски зголемената побарувачка би можеле повторно значително да ги зголемат цените, дури и до 120–130 долари за барел.
Извор: Ројтерс
