Приходите на рускиот буџет од нафта и природен гас се намалиле за 17,2% во првите девет месеци од годинава, на околу 60,7 милијарди евра, и покрај тоа што цената на руската нафта „Уралс“ во септември пораснала за 62% на годишно ниво, надминувајќи 92 долари за барел. Падот на приходите се поврзува со зајакнувањето на рубљата, повисоките државни субвенции за нафтената индустрија и нарушувањата во работата на рафинериите по украинските напади, објави Анадолија.
Според руското Министерство за финансии, приходите од нафта и гас од јануари до септември изнесувале 5,47 трилиони рубљи, односно околу 60,7 милијарди евра, наспроти 6,61 трилиони рубљи или приближно 73,4 милијарди евра во истиот период лани. Така, буџетот останал без околу 12,7 милијарди евра во споредба со првите девет месеци од 2025 година.
За разлика од енергетските приходи, вкупните буџетски приходи на Русија пораснале за 10%, на околу 329 милијарди евра. Приходите од дејностите што не се поврзани со енергетиката се зголемиле за 18,8%, достигнувајќи приближно 268,3 милијарди евра.
Намалувањето на енергетските приходи се случува во услови на раст на светските цени на нафтата, поттикнат од конфликтите на Блискиот Исток. Сепак, повисоките цени на извозот не се претворија во соодветен раст на средствата во руската државна каса, бидејќи на приходите влијаат и девизниот курс, даночните пресметки и трошоците за поддршка на домашниот пазар на горива.
Пресметките во евра се направени според официјалниот курс од 90,0935 рубљи за едно евро на 27 октомври 2026 година.
Посилната рубља го намалува ефектот од повисоките цени
Просечната цена на руската нафта „Уралс“ во септември достигнала 92,08 долари за барел, во споредба со 56,82 долари во истиот месец минатата година, според руското Министерство за економски развој.
Иако повисоката цена ги зголемува приходите од извозот изразени во долари, зајакнувањето на рубљата го намалува износот што државата го добива во домашна валута. Нафтата главно се продава во странска валута, додека даноците и буџетските приходи се пресметуваат во рубљи.
Според податоците на Руската централна банка, на 24 октомври еден долар се разменувал за 80,54 рубљи, што е под курсот од 92,2 рубљи за долар врз основа на кој бил изработен рускиот буџет за 2026 година.
Сепак, позитивниот ефект од повисоките цени на нафтата врз даночните приходи би можел да биде поизразен во наредните месеци, бидејќи промените на пазарот со временско задоцнување се одразуваат врз наплатата на даноците.
Украинските напади го намалуваат производството во рафинериите
Дополнителен притисок врз руската нафтена индустрија создаваат украинските напади со беспилотни летала врз рафинерии и друга енергетска инфраструктура, кои предизвикаа нарушувања во преработката на сурова нафта и снабдувањето со горива.
Според анализа на Меѓународната агенција за енергија од 17 септември, 32-те најголеми руски рафинерии имаат вкупен капацитет од околу 6,5 милиони барели дневно. Но, преработката на сурова нафта во јуни се намалила на 3,8 милиони барели дневно, што е околу 30% помалку во однос на истиот период лани и најниско ниво во повеќе од две децении.
Агенцијата навела дека од јануари до август рафинериите биле цел на напади со беспилотни летала во просек еднаш на секои три дена. До крајот на август, само пет од 32-те најголеми рафинерии не биле нападнати.
Како последица, производството на бензин се намалило за околу 20% на годишно ниво, а производството на дизел за речиси 30%, според истата анализа.
Поради ризикот од недостиг на горива на домашниот пазар, руската влада ја продолжи забраната за извоз на бензин до 31 јануари 2027 година. Предвидени се исклучоци за одредени испораки на дизел, вклучително и оние врз основа на договори меѓу производителите и меѓувладини аранжмани.
Ограничувањата го намалуваат просторот за руските компании да ги искористат повисоките цени на меѓународните пазари. Министерството за економски развој очекува извозот на нафтени деривати годинава да се намали на 98,5 милиони тони, од 125,8 милиони тони во 2025 година. Наспроти тоа, извозот на сурова нафта се очекува да порасне од 230,8 на 244,7 милиони тони.
Субвенциите дополнително го оптоваруваат буџетот
Дополнителен фактор за намалувањето на енергетските приходи се исплатите кон нафтените компании преку рускиот механизам за стабилизирање на домашните цени на горивата. Со овој систем, државата им исплаќа средства на производителите кога продажбата на домашниот пазар е помалку исплатлива од извозот.
Според Министерството за финансии, во септември нафтените компании добиле околу 3,39 милијарди евра преку овој механизам, наспроти приближно 2,19 милијарди евра во август. Септемвриската исплата е највисока од април 2022 година.
Иако механизмот треба да ги поттикне компаниите да продаваат горива на домашниот пазар, повисоките меѓународни цени ја зголемуваат потребата од државни исплати. Министерството ги наведе зголемените субвенции како една од причините за годишниот пад на приходите од нафта и гас.
Сепак, во периодот од јануари до септември овие приходи останале над основното ниво предвидено со руското буџетско правило.
Намалена и годишната прогноза за приходите
Руското Министерство за финансии ја намали прогнозата за приходите од нафта и природен гас за цела 2026 година на околу 84,1 милијарда евра, од претходно предвидените 99 милијарди евра. Тоа е намалување на очекуваните приходи за околу 14,9 милијарди евра.
Министерството за економски развој, пак, очекува производството на сурова нафта и кондензат да се намали од 511,4 милиони тони во 2025 година на 494,2 милиони тони годинава, пред да се зголеми на 500 милиони тони во 2027 година.
Податоците покажуваат дека растот на светските цени сам по себе не е доволен за да го надомести влијанието на посилната рубља, намалената преработка на нафта и зголемените трошоци за поддршка на домашниот пазар на горива.

Извор: Aa.com.tr
