Енергетска заедница: CBAM ги менува енергетските текови. Македонија со пониски цени, но под зголемен притисок

Воведувањето на механизмот за прилагодување на јаглеродните емисии на границите (CBAM) од 1 јануари 2026 година предизвика значителни промени на пазарот на електрична енергија во Западен Балкан, при што и Македонија се соочува со комбиниран ефект од пониски цени и зголемени регулаторни притисоци, покажува најновиот квартален извештај на Секретаријатот на Енергетската заедница.

Извештајот посочува дека новата регулатива, наместо да ја забрза интеграцијата на регионалните пазари со Европската Унија, довела до сериозни нарушувања во прекуграничната трговија со електрична енергија. Во првиот квартал од 2026 година, комерцијално договорените прекугранични разменувања кон ЕУ се намалиле за околу 25%, додека цените на електричната енергија во земјите од Западен Балкан биле во просек за околу 30 евра по мегават-час пониски од оние на соседните пазари во Унијата.

Според извештајот, најсилен удар од новиот CBAM механизам трпат земјите од регионот кои се потпираат на јаглен во производството на електрична енергија – пред сè Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Црна Гора. Кај нив, дополнителните трошоци за јаглерод значително ја намалуваат конкурентноста на извозот кон Европската Унија. Македонија се позиционира во средината, со видлив, но не и најизразен финансиски притисок, додека Албанија, благодарение на хидроенергетскиот систем, останува речиси незасегната и дури добива конкурентска предност во регионалната трговија.

РЕКЛАМА

Во тој контекст, податоците покажуваат дека Македонија во првиот квартал од 2026 година има релативно поволна ценовна позиција, со просечна цена на електричната енергија од околу 96,7 евра за мегават-час, значително под европскиот просек. Ова главно се должи на силниот раст на производството од хидроцентралите, кое е зголемено за над 100% во споредба со истиот период од минатата година, додека производството од јаглен е намалено за околу 37%, што претставува најголем пад во регионот.

Сепак, и покрај поповолните цени на домашниот пазар, CBAM веќе има значително влијание врз конкурентноста на македонскиот енергетски сектор. Извозот на електрична енергија кон земјите од ЕУ станува поскап поради дополнителните трошоци за јаглерод, кои достигнуваат околу 66,8 евра по мегават-час. Ова практично ја намалува можноста за искористување на ценовните разлики меѓу регионалните и европските пазари.

Покрај тоа, се забележува и пренасочување на енергетските текови, со зголемена трговија внатре во регионот на Западен Балкан, наместо кон ЕУ. Анализата опфаќа шест земји од регионот – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија, како и нивните соседни членки на Унијата.

Експертите предупредуваат дека овие трендови можат да доведат до поголема фрагментација на пазарот и да го забават процесот на интеграција во европскиот енергетски систем. Воедно, се нагласува потребата од забрзана транзиција кон обновливи извори на енергија и дополнително усогласување со европските политики за декарбонизација, со цел да се ублажат ефектите од новите регулативи.

Извор: Energy-Community.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил