Германија во првиот квартал од годинава се соочува со спротивставени трендови во енергетскиот сектор, помал број нови соларни електрани, но значително зголемување на капацитетите за складирање енергија. Според податоците на Германското здружение на соларната индустрија (BSW-Solar), инсталациите на фотоволтаични системи се намалени за 6% на годишно ниво, додека изградбата на батериски системи бележи раст од дури две третини.
Вкупниот новоинсталиран соларен капацитет во првите три месеци достигнал околу 3,5 гигавати. Сепак, растот е значително ослабен во сегментот на објекти. Кај домаќинствата, новите инсталации опаднале за 21% на 0,85 гигавати, додека кај комерцијалните кровни системи падот е уште поизразен, 33%, на 0,6 гигавати.
Надолниот тренд е видлив и кај малите „балконски електрани“, каде што инсталациите се намалени за 6% и изнесуваат 0,09 гигавати. Сепак, силниот раст на големите соларни централи поставени на тло делумно го ублажил падот, во овој сегмент е регистрирано зголемување од 20%, со нов капацитет од 1,97 гигавати.
Паралелно со ова, секторот за складирање енергија бележи значителен подем. Во функција се ставени нови 2 гигават-часови батериски капацитети, со што вкупниот капацитет достигнува околу 28 гигават-часови, распределени на приближно 2,5 милиони системи. Според пресметките, ова е доволно за да се покрие просечната дневна потрошувачка на електрична енергија на околу 3 милиони домаќинства.
Повеќе од половина од новите батериски инсталации се големи системи со капацитет над еден мегават-час, што претставува речиси четирикратно зголемување во однос на минатата година. Од друга страна, домашните системи за складирање стагнираат, со нов капацитет од околу 0,74 гигавати.
Од BSW-Solar предупредуваат дека и покрај позитивниот тренд кај батериите, двата сектора се соочуваат со предизвици. Претседателот на здружението, Карстен Керниг, апелира да не се намалуваат дополнително субвенциите за соларната енергија и да се обезбедат фер услови за батериските системи во идните тендери за електрани.
Тој нагласува дека батериските системи се клучни за надминување на временските осцилации во производството од сонце и ветер, но и дека енергетската криза повторно ја истакнува потребата Германија да ја намали зависноста од скап увоз на енергија.
„Секое кочење на соларната енергија ја поткопува конкурентноста на економијата и ја ограничува најприфатливата алатка за одржување ниски цени на струјата за граѓаните“, предупредува Керниг.
Иако се очекува умерен раст на побарувачката во наредниот период, поттикнат од енергетските случувања и можните измени во субвенциите, од здружението потенцираат дека тоа не може да ја замени потребата од стабилна и предвидлива инвестициска политика.
Извор: Sueddeutsche.de
