Барнам предлага укинување на фиксните дневни надоместоци за гас во Велика Британија

Британскиот премиер Енди Барнам побара подготовка на предлог за укинување на фиксните дневни надоместоци за гас за домаќинствата, со цел да се намалат трошоците за енергија во текот на зимата, објави „Фајненшл тајмс“.

Барнам во средата во Долниот дом на британскиот парламент изјави дека побарал од министерот за финансии Џон Хили и министерката за енергетика Мијата Фахнбулех да подготват предлози за укинување на овие надоместоци во најкраток можен рок.

Фиксните дневни надоместоци се плаќаат независно од потрошувачката на гас и служат за покривање на трошоците за одржување и унапредување на енергетската мрежа, како и за други услуги. Според енергетските експерти, нивното укинување најверојатно би значело префрлање на дел од овие трошоци во цената на потрошениот гас.

РЕКЛАМА

Таквата промена би можела да им донесе заштеда на домаќинствата со мала потрошувачка, но истовремено да ги зголеми сметките на оние што трошат повеќе гас. Анализа на истражувачката фондација Неста покажува дека типично домаќинство би можело да заштеди околу 27 фунти годишно.

Од Неста оценуваат дека укинувањето на фиксниот надоместок би им помогнало особено на домаќинствата со пониски приходи, бидејќи овој трошок зазема поголем дел од нивните сметки за енергија.

Предложената мерка би можела да придонесе и за намалување на разликата меѓу цената на гасот и електричната енергија, што би ја поттикнало употребата на топлински пумпи. Високата цена на електричната енергија во однос на гасот се смета за една од пречките за поширока примена на оваа технологија.

Предлогот доаѓа во услови на очекувано ново поскапување на енергијата во Велика Британија. Консултантската компанија „Корнвол Инсајт“ прогнозира дека ограничувањето на цените за типичните домаќинства би можело да се зголеми за 16 проценти во јануари, поради нарушувањата на глобалните пазари на фосилни горива по војната со Иран.

Британската влада разгледува и дополнителна финансиска помош за најсиромашните домаќинства. Според информации на „Фајненшл тајмс“, се планира зголемување на попустот за греење за корисниците на социјална помош од 150 на 250 фунти, за што би биле потребни околу 600 милиони фунти. Мерката би опфатила шест милиони од вкупно 29 милиони домаќинства во земјата.

Истовремено, владата даде одобрение за развој на големото гасно наоѓалиште Џекдо во Северното Море, околу 150 милји источно од Абердин. Проектот беше предмет на повеќегодишни правни и политички спорови, откако претходното одобрение беше поништено во 2025 година по судска одлука поврзана со процената на емисиите на јаглерод диоксид.

Одлуката беше критикувана од еколошките организации, додека Барнам ја бранеше со аргументот дека Велика Британија треба да ги користи сопствените резерви, наместо потребниот гас да го увезува од други земји. Тој посочи и дека проектот би можел да придонесе за зачувување на работните места во Абердин.

Владата ја поврзува одлуката со напорите за зајакнување на енергетската безбедност по нарушувањата на глобалното снабдување со фосилни горива. Во пресрет на буџетот што треба да биде претставен на 28 октомври, се разгледува и можноста за намалување на други давачки на сметките за енергија, вклучително и оние поврзани со поддршката за обновливите извори.

Извор: Financial Times

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил