Нафтата над 112 долари за барел

Цената на нафтата од типот „Брент“ денеска достигна највисоко ниво од мај годинава, надминувајќи 112 долари за барел, по новите напади на јеменските Хути врз цели во Саудиска Арабија, кои ги засилија стравувањата од поширока ескалација на конфликтот на Блискиот Исток и нови прекини во снабдувањето со сурова нафта.

Според Ројтерс, фјучерсите на нафтата „Брент“ пораснаа за 3,35 долари, односно 3,08%, на 112,17 долари за барел до 8:18 часот по Гринич, откако претходно во текот на тргувањето достигнаа 112,55 долари за барел. Американската сурова нафта ВТИ поскапе за 2,68 долари, или 2,76%, на 99,83 долари за барел.

Новите напади врз Саудиска Арабија, еден од клучните светски производители и извозници на нафта, дополнително ја зголемија загриженоста за безбедноста на енергетската инфраструктура и транспортните правци во регионот.

РЕКЛАМА

Јеменските Хути, кои се поврзани со Иран, во средата нападнале повеќе цели во Саудиска Арабија. Во напад со беспилотно летало врз нафтено поле загинале две лица, додека во напад врз цивилен аеродром во Дамам загинало едно лице, а осум биле повредени.

Дополнителни тензии предизвика и соопштението на морнарицата на Иранската револуционерна гарда, која денеска објави дека четири пловни објекти, за кои тврди дека биле вклучени во нелегален транспорт на нафта во северниот дел на Персискиот Залив, биле погодени и се запалиле. Според истото соопштение, уште три пловни објекти налетале на мини западно од Ормускиот Теснец. Иранската страна предупреди дека продолжувањето на, како што ги нарече, провокациите од САД може да предизвика поширок одговор против американските воени бази во регионот.

„Напорите за намалување на тензиите, и во Украина и на Блискиот Исток, немаат доволно кредибилитет. Извештаите за извоз на сурова нафта од Блискиот Исток над нивото пред конфликтот се надминати по значење од нападите врз бродови во Ормускиот Теснец и нападите на Хутите врз Саудиска Арабија и нејзината нафтена инфраструктура“, изјави аналитичарот на ПВМ, Тамаш Варга.

Тој оцени дека не се очекува намалување на тензиите пред парламентарните избори во САД на 3 ноември, што би можело да ги задржи цените на нафтата на високо ниво.

Аналитичарите на Морган Стенли проценуваат дека извозот на сурова нафта од Блискиот Исток минатата недела изнесувал околу 17 милиони барели дневно. Сепак, нападите врз бродовите и ризиците за пловидбата низ Ормускиот Теснец продолжуваат да создаваат неизвесност околу стабилноста на снабдувањето од регионот.

Во меѓувреме, нарушувања во производството се регистрирани и во Либија. Затворен е вентил на нафтоводот што ги поврзува нафтените полиња Хамада и Тахара со пристаништето Завија, поради што е намалено производството на двете полиња, изјавил за Ројтерс директорот на либиската Национална нафтена корпорација.

Во обид да го ублажи притисокот врз цените на горивата, американската администрација нуди заем од речиси една третина од резервата за итни случаи од еден милион барели нафта за греење. Мерката доаѓа во услови на недостиг на дизел, поврзан со војната на САД и Израел против Иран и војната на Русија во Украина.

Дополнителна неизвесност создаваат и дипломатските случувања. Американскиот Стејт департмент наредил дел од дипломатите и членовите на нивните семејства да ги напуштат дипломатските претставништва во Саудиска Арабија, а се подготвува и повлекување на членови на семејствата на американскиот персонал од повеќе други мисии на Блискиот Исток.

Истовремено, продолжуваат дипломатските напори за завршување на војната во Украина. Рускиот претседател Владимир Путин во средата во Санкт Петербург се сретнал со специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф. Кремљ соопшти дека Путин се согласил разговорите за мир со Украина, со посредство на САД, да продолжат уште следниот месец.

Развојот на конфликтите и безбедносните ризици во клучните региони за производство и транспорт на нафта остануваат главни фактори што влијаат врз пазарните очекувања и движењето на цените.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Add a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *