Гасниот коридор преку Грција има стратешко значење за диверзификација на снабдувањето во Југоисточна Европа, но за неговиот комерцијален успех се неопходни сигурни количини гас, инвестиции во инфраструктурата и координирано функционирање на регионалните пазари.
Вертикалниот коридор за природен гас останува важна алтернатива за диверзификација на снабдувањето во Југоисточна Европа, и покрај шпекулациите за намален интерес на дел од земјите учеснички и неизвесноста околу неговата иднина. Неговата реализација, сепак, зависи од способноста да се обезбедат конкурентни цени, доволни количества гас и инвестиции во поврзувачката инфраструктура, оценува Константинос Филис, вонреден професор на Американскиот колеџ во Грција и директор на Институтот за глобални прашања.
Во авторски коментар објавен во грчкиот весник „Катимерини“, Филис посочува дека Вертикалниот коридор е замислен уште во 2014 година, по руската анексија на Крим, со цел природниот гас од Грција да се транспортира кон север и да се намали зависноста на регионот од руските испораки.
Иницијативата првично ги опфаќала Грција, Бугарија и Романија, а во 2016 година ѝ се приклучила и Унгарија. По руската инвазија врз Украина во 2022 година и намалувањето на увозот на руски гас во Европа, интересот за алтернативни извори и транспортни правци дополнително се зголемил. Денес, според Филис, коридорот опфаќа девет земји.
Развојот на гасната инфраструктура во Грција, изградбата на интерконекторот со Бугарија и зголемувањето на капацитетите за складирање и регасификација на течен природен гас (ЛНГ), вклучително и терминалот во Александруполис, создадоа основа за транспорт на гас од различни извори кон пазарите во регионот.
Американскиот ЛНГ е можност, но не и единствен извор
Според анализата, САД сакаат да заземат значителен удел во количествата гас што ќе се транспортираат преку коридорот, чиј капацитет при целосно искористување се проценува на 10 до 12 милијарди кубни метри годишно.
Сепак, Филис нагласува дека коридорот не е наменет исклучиво за американскиот ЛНГ, туку за транспорт на природен гас од различни извори, со што би се придонело за диверзификација и поголема сигурност на снабдувањето во Европа.
Предизвик претставува фактот што американскиот гас е поскап од рускиот, кој и понатаму има значајна позиција на регионалните пазари благодарение на постојната гасоводна мрежа, пониските трошоци и долгорочните договори.
Како илустрација, Филис наведува дека 45% од увозот на природен гас во Грција во септември потекнувал од Русија. Според него, ова покажува дека дел од земјите во поширокиот регион и понатаму се колебаат да преземат обврски за набавка на гас од алтернативни извори, и покрај европските планови за постепено и трајно укинување на увозот на руски природен гас до есента 2027 година.
Во меѓувреме, европскиот дел од гасоводот „Турски тек“ испорачува околу 15,75 милијарди кубни метри руски гас на пазарите во Југоисточна Европа, што е повеќе од проценетиот капацитет на Вертикалниот коридор при негово целосно искористување.
Конкуренција од Турција и Полска
Покрај Русија, значаен конкурент е и Турција, која настојува да се позиционира како регионален енергетски центар и нуди гас од повеќе извори. Филис наведува дека преку турска територија се пласира гас што потекнува од различни земји, меѓу кои Ирак и Иран, додека дополнителна конкуренција доаѓа од терминалите за ЛНГ во Полска.
Европа, исто така, е изложена на конкуренцијата за испораки на течен природен гас на светскиот пазар, особено од азиските купувачи, кои традиционално се подготвени да платат повисоки цени.
Поради тоа, обезбедувањето долгорочни купувачи и стабилна побарувачка ќе биде подеднакво важно како и изградбата на инфраструктурата. За комерцијалната одржливост на коридорот ќе биде неопходно да се надминат тесните грла во поврзувачките гасоводи, да се намалат вкупните транзитни трошоци и да се усогласат правилата и работењето на различните национални системи.
Коридорот веќе функционира, но остануваат инфраструктурните и пазарните пречки
И покрај неизвесностите, Вертикалниот коридор веќе е оперативен и досега преку него биле транспортирани помали количества природен гас до Украина, при што како снабдувач се појавува британската енергетска компанија „BP“.
Сепак, сè уште не се обезбедени доволни количества гас и потребните инвестиции за отстранување на ограничувањата во поврзувачката инфраструктура. Неопходна е и подобра координација за коридорот да функционира како единствен комерцијален систем, наместо како низа одделни национални пазари и транспортни правци.
Филис оценува дека идните потреби на Украина за енергија и состојбата на нејзината гасна мрежа ќе влијаат врз побарувачката за испораки преку коридорот. Дополнителна неизвесност носи и можноста за завршување на војната во Украина, што би можело да го отвори прашањето за враќање на рускиот гас на европскиот пазар.
Во такви услови, стратешкото значење на Вертикалниот коридор расте, бидејќи Европа настојува да ја намали зависноста од ограничен број снабдувачи и транспортни правци. Но, истовремено, променливите цени и конкуренцијата на глобалниот пазар ја отежнуваат неговата комерцијална исплатливост.
Токму во тоа Филис го гледа главниот парадокс на проектот: нестабилноста на енергетските пазари ја зголемува стратешката важност на Вертикалниот коридор, но истовремено ја поткопува неговата комерцијална одржливост.
Извор: Ekathimerini.com
