Европската комисија избра 77 проекти во 23 земји од Европската економска област за кои ќе бидат доделени вкупно 3,4 милијарди евра поддршка за развој на чисти технологии. Според процените, проектите во првите десет години од работењето би можеле да спречат емисии еквивалентни на околу 290 милиони тони јаглерод диоксид.
Средствата се обезбедуваат преку Иновацискиот фонд на Европската Унија, кој се финансира од приходите од европскиот систем за тргување со емисии. Целта е да се забрза декарбонизацијата на индустријата, да се зајакне европската конкурентност и да се намали зависноста од увоз на енергија и критични суровини.
Избраните проекти опфаќаат обновливи извори на енергија, складирање електрична енергија, производство на соларни панели, топлински пумпи, електролизери и батерии за електрични возила, како и водород, алтернативни горива и технологии за зафаќање и складирање јаглерод диоксид.
За првпат, меѓу избраните проекти има и проект за мал модуларен нуклеарен реактор и проект за директно зафаќање јаглерод диоксид од воздухот и негово складирање. Поддршка ќе добијат и шест проекти за критични суровини, важни за производство на батерии и магнети од ретки земји.
Од вкупниот број избрани проекти, 12 се големи, 17 средни, 20 мали, 12 се однесуваат на производство на опрема за чисти технологии, а 16 се пилот-проекти. Сите пет категории привлекле повеќе пријави отколку што можеле да бидат финансирани со расположливиот буџет.
Уште 84 проекти што ја поминале евалуацијата, но не добиле грант, ќе можат да го користат печатот на платформата за стратешки технологии за Европа, кој го олеснува пристапот до други јавни и приватни извори на финансирање. Дополнително, 160 предлози остануваат подобни за техничка и финансиска помош од Европската инвестициска банка за подготовка на проектите.
Европската комисија најави дека следниот повик во рамките на Иновацискиот фонд ќе биде објавен на почетокот на декември 2026 година и ќе вклучува една милијарда евра за производство на чисти технологии.
Со најновиот избор, вкупното портфолио на Иновацискиот фонд достигнува околу 320 проекти, со речиси 17 милијарди евра доделена грант-поддршка. Проектите се оценуваат според потенцијалот за намалување на емисиите, иновативноста, подготвеноста за реализација, можноста за примена на решенијата во други проекти и трошочната ефикасност.
Истовремено, Европската комисија одобри и повеќе од 390 милиони евра за 135 нови проекти за заштита на животната средина и климатска акција низ Европа, во рамките на програмата ЛАЈФ. Вкупната вредност на проектите изнесува 579 милиони евра, а остатокот од потребните средства ќе го обезбедат националните, регионалните и локалните власти, компаниите, јавно-приватните партнерства и граѓанските организации.
Од европските средства, повеќе од 151 милион евра се наменети за 29 проекти за заштита на природата и биолошката разновидност, додека речиси 91 милион евра ќе поддржат 36 проекти за почиста и покружна економија, енергетска ефикасност и подобар квалитет на живот. За 26 проекти за приспособување кон климатските промени и намалување на нивните последици се издвоени повеќе од 61 милион евра, а речиси 87 милиони евра се наменети за 44 проекти за забрзување на енергетската транзиција.
Меѓу проектите за климатска отпорност се предвидени решенија за заштита од интензивни врнежи и бури, обновување на подрачја погодени од шумски пожари и развој на материјали за градба што складираат јаглерод. Други иницијативи се насочени кон подобрување на квалитетот на воздухот, управување со отпадните води, обновување на природните живеалишта и заштита на загрозените животински видови.
Посебен акцент е ставен на енергетската транзиција. Меѓу избраните проекти е и иницијативата „ЛАЈФ ЕУЦФ Сити Фасилити 3.0“, со буџет од 15,8 милиони евра, која ќе опфати земји од ЕУ, како и Исланд, Молдавија, Црна Гора, Македонија и Украина. Проектот ќе обезбедува техничка и финансиска помош за локалните власти за подготовка на инвестиции во одржлива енергија.
Поддршка ќе добијат и иницијативи за енергетска обнова на објекти на социјални установи во Португалија, како и проекти за развој на поефикасни системи за централно греење и ладење во повеќе европски земји.
Новите 135 проекти се избрани меѓу рекордни 1.095 пријави поднесени на повикот на програмата ЛАЈФ за 2025 година. Финансирањето е зголемено за 9% во однос на претходната година.
Програмата ЛАЈФ повеќе од 34 години поддржува проекти за животната средина и климатската акција во Европската Унија и придружните земји. Тековната програма, која се спроведува од 2021 до 2027 година, располага со буџет од 5,43 милијарди евра, а нејзиното спроведување го координира Европската извршна агенција за клима, инфраструктура и животна средина.
Енергетика 24
