Националниот оператор на пазарот на електрична енергија МЕМО ја финализира имплементацијата на системот за аукциско тргување со гаранции за потекло на електрична енергија, по едномесечен процес на подготовка, соопшти компанијата.
Од МЕМО посочуваат дека со воспоставувањето на овој систем се реализираат предвидените активности од Реформската агенда за воведување механизам за тргување со гаранции за потекло, во насока на усогласување со европските практики и развој на пазарот на зелена енергија во земјава.
Аукцискиот механизам треба да овозможи потранспарентно тргување и формирање на цената врз основа на понудата и побарувачката. На тој начин, вредноста на гаранциите за потекло ќе се определува преку пазарен механизам, наместо преку ограничени можности за тргување или билатерални договори.
Според МЕМО, новиот систем отвора можности за производителите на електрична енергија од обновливи извори дополнително да ја вреднуваат зелената компонента на произведената електрична енергија. Гаранциите за потекло се сертификати со кои се потврдува дека одредена количина електрична енергија е произведена од обновлив извор.
Истовремено, аукциите треба да им овозможат на снабдувачите и компаниите потранспарентен и поконкурентен пристап до овие сертификати. Нивното значење расте со зголемувањето на барањата за декарбонизација и одржливо работење, особено кај компаниите што работат на европските пазари и треба да го потврдат потеклото на електричната енергија што ја користат.
Растечкиот интерес за овој сегмент го потврдува и податокот на МЕМО дека од април 2025 година до денес се издадени повеќе од 850.000 гаранции за потекло.
Од компанијата оценуваат дека воведувањето на аукциското тргување е чекор кон развој на функционален пазар на зелена енергија во земјава, со поголема транспарентност и поефикасно поврзување на производителите на електрична енергија од обновливи извори со компаниите што сакаат да го потврдат нејзиното потекло.
Извор: МЕМО
