Бензините од 20 октомври поевтинуваат за 2,50 денари за литар, додека дизелот и екстралесното масло поскапуваат за 2 денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Мазутот поскапува за 1,837 денари за килограм, а со новата одлука, во однос на одлуката од 13 октомври, малопродажните цени на нафтените деривати во просек се зголемуваат за 0,49%.
Новите максимални цени од 20 октомври во 00:01 часот ќе изнесуваат:
| Нафтен дериват | Нова цена | Промена |
|---|---|---|
| Еуросупер БС-95 | 96,00 ден./л | -2,50 ден. |
| Еуросупер БС-98 | 98,00 ден./л | -2,50 ден. |
| Еуродизел БС | 99,00 ден./л | +2,00 ден. |
| Екстра лесно масло ЕЛ-1 | 110,50 ден./л | +2,00 ден. |
| Мазут М-1 НС | 53,579 ден./кг | +1,837 ден. |
Според пресметката на РКЕ, референтните цени на бензините на светскиот пазар се намалени за 4,142%. Наспроти тоа, референтната цена на дизелот е зголемена за 2,966%, на екстралесното масло за 2,465%, а на мазутот за 4,416%.
Врз пресметката влијаел и курсот на денарот во однос на американскиот долар, кој во периодот опфатен со пресметката е повисок за 0,1648%.
Во одлуката се применети владините мерки со кои ДДВ за ЕУРОДИЗЕЛ е намален на 10%, како и намалената акциза за 4 денари за литар кај бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и БС-98 и кај ЕУРОДИЗЕЛ.
РКЕ посочува дека утврдените цени се максимални, што значи дека трговците на големо и мало можат да ги продаваат нафтените деривати и по пониски цени.
Новите цени стапуваат во сила на 20 октомври во 00:01 часот.
Извор: РКЕ
