Над 1,2 трилиони евра се инвестирани во одржливи активности во Европската Унија од 2021 година, а само во 2025 година вложувањата во активности усогласени со Таксономијата на ЕУ надминале 320 милијарди евра, покажуваат најновите податоци објавени во текот на вчерашниот ден од страна на Европската комисија.
Енергетскиот сектор има најголем удел во овие инвестиции, пред сè благодарение на вложувањата на компаниите за производство и снабдување со електрична енергија, соопшти Европската комисија.
Таксономијата на ЕУ претставува систем за класификација што им помага на компаниите и инвеститорите да утврдат кои економски активности се сметаат за еколошки одржливи. Целта е да се насочат финансиските средства кон проекти што придонесуваат за декарбонизација и развој на чисти технологии и инфраструктура.
Според Комисијата, рамката за одржливо финансирање има важна улога и во зајакнувањето на енергетската безбедност и стратешката автономија на ЕУ, преку поттикнување инвестиции во обновливи извори на енергија, електрификација и други чисти технологии. На тој начин се намалува зависноста од увоз на фосилни горива.
Раст бележи и издавањето европски зелени обврзници. Од почетокот на примената на Европскиот стандард за зелени обврзници, во декември 2024 година, до 7 октомври 2026 година, биле издадени обврзници во вредност од околу 60 милијарди евра.
Од нив, 21 милијарда евра биле издадени во 2025 година, додека во периодот од 1 јануари до 7 октомври годинава износот достигнал 39 милијарди евра, што е речиси двојно повеќе од вредноста издадена во првата година од примената на стандардот.
Европскиот стандард за зелени обврзници е доброволна рамка наменета за финансирање одржливи активности што се усогласени со Таксономијата на ЕУ.
Од Европската комисија посочуваат дека овие податоци ја потврдуваат улогата на рамката за одржливо финансирање во поддршката на транзицијата кон поодржлива, поотпорна и поконкурентна европска економија. Истовремено, Комисијата продолжува со активности за поедноставување на правилата, со цел да се олесни нивната примена.
Извор: Европска Комисија
