Окружниот суд на Соединетите Американски Држави за округот Колумбија донесе конечна пресуда со која Република Хрватска е обврзана да ѝ исплати околу 286 милиони долари на унгарската нафтена компанија MOL Group, со што се спроведува претходната арбитражна одлука донесена од ICSID.
Станува збор за спор што произлегува од случајот „МОЛ против Република Хрватска“ (ARB/13/32), во кој арбитражниот суд уште во јули 2022 година му додели на МОЛ околу 183 милиони долари, на кои дополнително се пресметани камати, трошоци и други издатоци. Со најновата одлука од 28 април 2026 година, оваа сума е зголемена на приближно 286 милиони долари и е претворена во извршна пресуда на американски федерален суд.
Судот ги отфрлил аргументите на Хрватска, кои главно се повикувале на суверен имунитет, а претходно слични приговори беа одбиени и во 2025 година од страна на судијата Амир Х. Али.
Според правните процедури во САД, доколку Хрватска поседува средства на територијата на земјата, тие можат да бидат предмет на заплена и пренос кон МОЛ по исполнување на законските услови.
Хрватските власти најавуваат дека ќе ги искористат сите правни можности, но паралелно водат и разговори за можно спогодбено решение. Министерот за економија Анте Шушњар изјави дека постои реална шанса спорот да заврши со договор пред да се исцрпат сите правни механизми, нагласувајќи дека разговорите со МОл се конструктивни.
Премиерот Андреј Планковиќ истакна дека владата го наследила спорот, но дека ќе продолжи да ги користи сите достапни правни средства. Тој додаде дека случајот треба да се разгледува и во поширок политички контекст, вклучително и односите со Унгарија, оценувајќи ја приватизацијата на ИНА како „најголема стратешка грешка“.
Во меѓувреме, вицепремиерот Бранко Бачиќ најави дека средствата за исплата ќе бидат обезбедени преку државниот буџет, најверојатно со ребаланс.
Спорот меѓу Хрватска и МОЛ датира од 2013 година и се однесува на договорот за гасно работење од 2009 година, според кој Хрватска требало да го преземе управувањето со трговијата и складирањето на гас од ИНА. Арбитражниот суд утврди дека обврските не биле целосно исполнети, по што Хрватска го загуби спорот во 2022 година.
Извор: SeeBiz.eu
