Четири години што го потресоа рускиот нафтен пазар

Четири години по почетокот на руската инвазија врз Украина, глобалниот нафтен пазар изгледа поинаку од кога било. Војната не само што ги разниша цените, туку ги пренасочи трговските рути, ги заостри санкциите и ја стави енергетската инфраструктура во фокусот на безбедносните ризици.

Денес, на 24 февруари се одбележува четвртата годишнина од конфликтот што ја отвори една од најтурбулентните епизоди во поновата историја на енергетиката. Иако на почетокот на 2026 година се појавија дипломатски сигнали за можен мировен договор, поттикнати од иницијативите на американскиот претседател Доналд Трамп, аналитичарите предупредуваат: дури и ако дојде до политичко решение, последици врз енергетските пазари ќе останат.

Од премија до длабок попуст

Руската сурова нафта по инвазијата почна да се продава со историски попусти. Клучната сорта „Уралс“ во април 2022 година достигна разлика од речиси 43 долари по барел во однос на „Дејтед Брент“, симбол на новата реалност во која геополитиката директно ја диктира цената.

РЕКЛАМА

Иако јазот со текот на времето се намали, руската нафта и натаму се тргува со значителен попуст. Според податоци на S&P Global, во февруари годинава „Уралс“ остануваше околу 30 долари по барел под глобалниот репер. Пазарот внимателно ги следи и санкциите и случувањата на фронтот, а секоја најава за олеснување или заострување веднаш се рефлектира врз цените.

Азија како нов центар на гравитација

Една од највидливите последици на војната во Украина е драматичното пренасочување на извозот. Европа, некогаш главен купувач на руската нафта, постепено се повлече под притисок на санкциите. Празнината ја пополнија азиските пазари, пред сè Кина и Индија.

Испораките по море кон Кина пораснаа на повеќе од еден милион барели дневно, додека Индија од маргинален увозник стана еден од клучните клиенти со над 1,5 милиони барели дневно во 2025 година. Со тоа Москва успеа да го задржи извозот, но по пониска цена и со поголема зависност од ограничен број пазари.

Сепак, новите санкции насочени кон енергетските гиганти Росњефт и Лукоил повторно ја зголемија неизвесноста. Само во јануари годинава, испораките кон Индија и Кина забележаа остар месечен пад, што покажува колку извозот е чувствителен на санкцискиот притисок.

Од 2022 година наваму, сојузниците на Киев постепено воведуваа рестрикции за да го ограничат приливот на средства во руската државна каса, притоа внимавајќи да не предизвикаат глобален ценовен шок.

Европската Унија воведе забрана за увоз на руска нафта по море и на деривати, како и ограничувања за производи направени од руска суровина во трети земји. Заедно со Г7 и Австралија беше воведен и ценовен плафон, а на сила се и ограничувања за технологија и опрема во нафтениот сектор.

Дури и во случај на мировен договор, аналитичарите не очекуваат европските земји брзо да се вратат на старите нивоа на увоз. Довербата и диверзификацијата на снабдувањето станаа стратешки приоритет.

Војна со дронови и рафинерии

Покрај санкциите, директните напади врз инфраструктурата оставија трага врз производството и преработката. Од почетокот на војната се регистрирани повеќе од 230 напади врз нафтени објекти, главно со беспилотни летала.

Според проценките на S&P Global Energy CERA, во одредени периоди дури една петтина од руските рафинериски капацитети беа надвор од функција. Иако состојбата подоцна се стабилизира, секторот останува ранлив.

Енергетската безбедност стана дел од мировните преговори, но прекините на нападите се покажаа како кревки и краткотрајни. Дури и ако оружјето замолкне, нафтената инфраструктура ќе остане потенцијална цел, а глобалниот пазар, осетлив на секој ризик.

По четири години, јасно е дека војната не само што ги промени политичките односи, туку трајно го редефинираше и начинот на кој се тргува и вреднува руската нафта.

Извор: Spglobal.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил