Наглиот раст на цените на фосилните горива во Германија и во многу други земји, предизвикан од воениот конфликт со Иран, доведе до најголема досега ценовна предност на електричните возила во однос на автомобилите со бензински и дизел мотори, покажува најновата анализа на платформата за споредба на цени „Веривокс“.
Според податоците, полнењето на електрично возило од средна или повисока класа во домашни услови во март 2026 година било за околу 67% поевтино од точење бензин, односно 53% поевтино од користење дизел. За поминување 1.000 километри, возачите на електрични автомобили трошеле околу 53 евра, додека истата дистанца со бензинско возило чинела приближно 160 евра, а со дизел околу 113 евра.
Анализата покажува дека иако цената на дизелот растела побрзо од бензинот, неговата потрошувачка е пониска, што делумно ја ублажува разликата. Сепак, електричните возила биле поисплатливи за користење и пред почетокот на кризата, а актуелните случувања дополнително ја зголемиле таа предност.
Експертите предупредуваат дека разликата може уште повеќе да се зголеми во наредниот период. „Големата разлика во трошоците најверојатно ќе продолжи да расте и во април 2026 година, бидејќи цените на горивата и натаму бележат посилен раст, додека цената на електричната енергија ќе се зголеми значително само доколку конфликтот на Блискиот Исток се продлабочи“, изјави енергетскиот експерт Торстен Шторк.
Глобалниот раст на цените на горивата е директно поврзан со ескалацијата на конфликтот, откако Иран возврати со напади врз делови од нафтената инфраструктура на сојузнички земји на САД во Персискиот Залив и ја блокираше клучната поморска рута – Ормускиот теснец. Овој потег предизвика нарушувања во снабдувањето и раст на цените на светските пазари.
Германската влада се обиде да го ублажи ударот врз граѓаните со привремено намалување на даноците за бензин и дизел во период од два месеци. Сепак, мерката наиде на критики дека не е доволно насочена кон најзагрозените категории и дека не придонесува за намалување на зависноста од фосилни горива.
Во меѓувреме, интересот за купување електрични возила значително пораснал во Германија и во други земји од почетокот на конфликтот.
Сепак, од „Веривокс“ посочуваат дека најголема финансиска корист од електричните автомобили имаат возачите кои ги полнат своите возила дома. Просечната цена на електричната енергија за домаќинствата изнесувала 31,24 центи за киловат-час, додека јавните полначи наплатувале околу 52 центи, а брзите полначи дури 60 центи за киловат-час. И покрај тоа, дури и најскапата опција – брзото јавно полнење – останала за околу 37 проценти поевтина од користењето бензин.
Извор: Verivox.de
