Мицкоски: Пазарот стабилен, горивата со тренд на намалување

Премиерот Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашање денес, изјави дека Владата донела одлука да ја продолжи кризната состојба за уште две недели, при што најави и дополнителна седница на која ќе се разгледува задржување на повластената стапка на ДДВ за горивата од 10%. Според него, натамошните мерки ќе зависат од движењата на светските берзи, врз основа на кои ќе се утврдуваат и евентуалните корекции на акцизите.

Тој нагласи дека состојбата со снабдувањето е стабилна, а државните резерви на нафта се целосно пополнети и не се користени од почетокот на кризата. Воедно, побарувачката останува висока, со денови кога се продаваат и над два милиони литри гориво, не само за домашните потрошувачи туку и за граѓани од соседните земји.

Мицкоски потсети дека веќе се реализирани најавените намалувања на цените, при што бензините се поевтини за 1,5 денари по литар, а дизелот за 2,5 денари, дополнително намалени со попустите од ОКТА, кои ќе важат до крајот на април. Во тек се и разговори за ново намалување, особено кај дизелот.

РЕКЛАМА

„Цената на горивата се пресметува по формула кога ќе затворат берзите и како индикатор можеме да знаеме што да очекуваме како одлука на Регулаторната комисија. Очекуваме дека следната недела најмалку да останат истите цени на горивата или да се намалат за некој процент, според состојбата на берзите во моментот“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека актуелните берзански движења, каде цената на нафтата се движи околу 90–91 долар за барел, укажуваат на можност за дополнително намалување.

„Очекувам дека, од она што го следам на берзите, цените најмалку ќе останат на ова ниво, а можно е и дополнително намалување“, изјави премиерот.

Мицкоски истакна дека земјата во моментов има едни од најниските цени на горива во регионот и дека снабдувањето е континуирано и непречено, вклучително и преку продуктоводот.

– Состојбата е стабилна, непроменета, конзумот е ист, не паѓа. Имаме денови со над два милиони литри кога се испорачува дизел гориво и безоловен за нашите граѓани, но и за соседните земји. Факт број 2, имаме убедливо најниски цени на горива во регионот. Факт број 3, единствена држава во оваа регулирана недела ги намали цените на дизелот и на бензините, факт број 4, стабилни сме како никогаш до сега, факт број 5 веќе не коленичиме да бараме милост. Така ќе продолжи оваа Влада да работи, стабилно во интерес на граѓаните, рече Мицкоски.

Владата ќе продолжи со внимателно следење на состојбите и прилагодување на мерките, со цел одржување на стабилни или пониски цени на горивата во наредниот период.

Енергетика24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил