Унгарија се приклучи на американската рамка за регионална енергетска инфраструктура, со потпишување билатерален меморандум за разбирање меѓу двете земји, со кој се отвора простор за координација на инвестициите во гасоводи, нафтена инфраструктура и капацитети за увоз на течен природен гас (ЛНГ).
Меморандумот на 29 октомври во Вашингтон го потпишаа унгарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Анита Орбан и американскиот државен секретар Марко Рубио, за време на нивната средба во Стејт департментот.
Со договорот, Унгарија се вклучува во американската иницијатива „Рамка за мировни гасоводи на Трамп“, која беше претставена на Самитот на Иницијативата „Три мориња“ во Дубровник на 28 април. Програмата има цел да ги координира регионалните инвестиции во енергетската инфраструктура во Централна и Источна Европа, вклучително и изградбата и унапредувањето на гасоводите, нафтените мрежи и капацитетите за прием на американски ЛНГ.
Според целите на иницијативата, преку подобро поврзување на инфраструктурата и координирање на инвестициите треба да се прошират можностите за снабдување со енергенси, да се зголеми отпорноста на регионалните пазари и да се обезбедат попредвидливи трошоци за енергија.
Како еден од проектите што се вклопуваат во оваа регионална рамка се посочува и Јужниот гасен интерконектор меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина.
Потпишаниот енергетски меморандум е дел од пошироката билатерална соработка меѓу САД и Унгарија, која опфаќа и економски односи и цивилни енергетски проекти.
„Овој меморандум за разбирање, според мене, е потврда за сè посилната економска соработка меѓу САД и Унгарија. Тој покажува како нашите две земји можат да работат заедно за да постигнат конкретни резултати за своите граѓани“, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио.
Извор: CEEnergynews.com
