ACER повикува на интеграција и заедничко планирање на дистрибутивните мрежи во Европа

Европската агенција за соработка на енергетските регулатори – ACER – објави нов извештај во кој предупредува на потребата од подобра координација, интеграција и заедничко планирање на дистрибутивните електроенергетски мрежи низ Европа. Во документот се анализира растот на инвестициите во овој сектор и се даваат конкретни препораки за подобрување на ефикасноста на операторите.

Според податоците на ACER, инвестициите во дистрибутивните мрежи во Европа бележат значителен пораст. Во периодот од 2021 до 2024 година тие се зголемиле за дури 50%, а се очекува до 2027 година да достигнат 47 милијарди евра.

Во извештајот се нагласува дека за да се обезбеди еднаков пристап до квалитетни и достапни услуги, операторите на дистрибутивните системи (ДСО) мора да бидат соодветно подготвени за новите предизвици. Тоа подразбира сериозни вложувања и детално планирање на развојот на мрежата. Сепак, речиси две третини од ДСО во Европската Унија се ослободени од обврската да изработуваат развојни планови, главно поради нивната мала големина.

РЕКЛАМА

Токму малата големина, според ACER, претставува една од главните пречки за ефикасност. Големите оператори полесно обезбедуваат финансиски средства и стручен кадар за инвестиции и модернизација, додека помалите се соочуваат со ограничени ресурси. Дополнително, околу 8% од населението во ЕУ се снабдува преку мрежи што опслужуваат помалку од 100.000 корисници.

Поради тоа, ACER препорачува поттикнување на спојување на операторите и отстранување на регулаторните бариери што го попречуваат тој процес. Ваквиот тренд веќе е видлив во Европа, бројот на ДСО е намален за 4% на крајот на 2024 година во споредба со 2019 година.

Сепак, агенцијата потенцира дека зголемувањето на ефикасноста не мора нужно да значи целосно обединување на сите оператори. Како пример за добра практика се посочува Словенија, каде што компанијата ELES во 2023 година го интегрираше SODO. Со ова, планирањето на развојот на преносната и дистрибутивната мрежа е централизирано, додека управувањето со дистрибуцијата останува во рацете на пет регионални електродистрибутивни компании.

Извештајот на ACER испраќа јасна порака: иднината на европските електроенергетски системи зависи од подобра координација, поголеми инвестиции и поефикасна организација на дистрибутивните мрежи.

Извор: Acer.europa.eu

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил