Глобалниот нафтен пазар во 2026 година се соочува со драматичен пресврт, откако војната меѓу Иран и поширокиот Блиски Исток предизвика најголем шок во снабдувањето во историјата, покажува најновиот извештај Oil Market Report на Меѓународната енергетска агенција (ИЕА), објавен на 14 април 2026 година.
ИЕА проценува дека глобалната побарувачка за нафта годинава ќе се намали за околу 80 илјади барели дневно, што претставува драматична промена во однос на претходната проценка за раст од 730 илјади барели. Најсилен пад се очекува во вториот квартал, кога потрошувачката би можела да се намали за 2,3 милиони барели дневно – најголем пад од периодот на пандемијата Ковид-19. Најтешко погодени се Азија и Блискиот Исток, каде се намалува користењето на нафта во петрохемијата, авио-горивата и течниот нафтен гас, додека недостигот и високите цени го шират падот на побарувачката и во други региони.
Истовремено, глобалното производство на нафта во март се урна за 10,1 милиони барели дневно на 97 милиони барели дневно, поради прекини во снабдувањето и ограничувања на клучни транспортни рути, особено низ Ормутскиот теснец. Најголем дел од падот доаѓа од ОПЕК+, каде производството се намали за 9,4 милиони барели дневно, додека земјите надвор од групата забележаа пад од 770 илјади барели. Казахстан, Русија и Венецуела се меѓу најпогодените производители.
Ситуацијата дополнително се влоши со нарушувања на инфраструктурата и нападите врз енергетски објекти во регионот. Протокот низ Ормускиот теснец се намали од над 20 милиони барели дневно на околу 3,8 милиони, што доведе до глобален недостиг проценет на повеќе од 13 милиони барели дневно. Дел од извозот се пренасочува преку алтернативни рути, но тие не можат да ја надоместат загубата.
Цените на нафтата реагираа нагло, при што во март беше забележан најголемиот месечен раст во историјата. Северноморскиот Brent достигна околу 130 долари за барел, а во физичкиот пазар цените се искачија и до 150 долари. Посебно силен раст е забележан кај рафинираните производи, каде дизелот достигна рекордни нивоа.
Во меѓувреме, рафинериската активност е силно погодена. Во април капацитетите во Блискиот Исток и Азија паднаа за околу 6 милиони барели дневно, на 77,2 милиони барели, поради недостиг на суровини и оштетувања на инфраструктурата. Рафинирачките маржи краткорочно пораснаа, бидејќи недостигот на дизел и други средни дестилати создаде екстремна затегнатост на пазарот.
Залихите на нафта во март се намалија за 85 милиони барели, при што најголем пад е забележан во земјите увознички во Азија. Дополнителен притисок врз резервите дојде од речиси целосното запирање на испораките од Заливот, што доведе до зголемување на нафтата „на вода“ и пад на достапните залихи во клучните увозни центри.
Падот на понудата директно се одрази и врз побарувачката. ИЕА проценува дека во март таа се намалила за 800 илјади барели дневно, а во април падот може да достигне 2,3 милиони барели дневно. Најпогодени се петрохемиската индустрија, авиосообраќајот и домаќинствата кои користат течен нафтен гас. Сè поголем број држави воведуваат мерки за ограничување на потрошувачката или заштита од ценовниот шок.
ИЕА предупредува дека неизвесноста останува исклучително висока, бидејќи исходот од конфликтот и можноста за стабилизирање на испораките низ Ормутскиот теснец сè уште не се јасни. Агенцијата предвидува дека, и покрај можниот договор за примирје, пазарот ќе остане под силен притисок најмалку до средината на годината, со ризик од продолжени нарушувања и екстремна ценовна волатилност.
Извор: IEA.org
