Спорот околу кинеските инвертори покажува дека зелената транзиција сè повеќе се претвора и во прашање на национална и континентална безбедност
Одлуката на Европската Унија да го ограничи користењето јавни средства за набавка на кинески соларни инвертори отвори нов фронт во односите меѓу Брисел и Пекинг, но и сериозна дебата за тоа дали безбедносните ризици треба да имаат предност пред климатските цели и забрзаното воведување на обновливи извори на енергија.
Европската комисија минатиот месец воведе ограничувања за проекти кои добиваат јавна финансиска поддршка, а користат инвертори произведени во земји што се сметаат за „високоризични“, меѓу кои е и Кина. Потегот е мотивиран од стравувањата дека овие уреди, кои се поврзани на интернет и редовно добиваат далечински софтверски ажурирања, би можеле да бидат искористени за нарушување на работата на европските електроенергетски системи.
Според проценките на Ројтерс, ограничувањата би можеле да погодат најмалку 14 гигавати нов соларен капацитет, што претставува повеќе од 20 проценти од годишните соларни инсталации во Европската Унија. Тоа би можело да ги принуди инвеститорите да се свртат кон поскапи алтернативи и да доведе до одложување на бројни проекти.
Инверторите се суштински дел од секоја соларна централа бидејќи ја претвораат произведената еднонасочна струја во наизменична струја што може да се испорача во електричната мрежа. Иако често остануваат во сенка на самите соларни панели, нивната улога е клучна за функционирањето на системот.
Во последните години европскиот пазар стана силно зависен од кинеските производители. Компаниите Huawei и Sungrow заедно контролираат значителен дел од европскиот пазар, а според индустриските податоци кинеските производители обезбедувале околу 70 проценти од сите инвертори инсталирани во Европа.
Од Европската комисија предупредуваат дека ризикот не е теоретски. Бидејќи производителите имаат пристап до своите уреди преку интернет за ажурирања и одржување, постои можност злонамерни актери да ја злоупотребат таа поврзаност.
„Ова би можело да доведе до далечинско исклучување на национални електроенергетски мрежи и да предизвика масовни прекини во снабдувањето со електрична енергија“, соопшти портпарол на Европската комисија при воведувањето на мерките.
Кинеското Министерство за трговија веднаш реагираше, наведувајќи дека не ја прифаќа одлуката на Европската Унија. Од компанијата Sungrow соопштија дека строго ги почитуваат европските регулативи и применуваат високи стандарди за сајбер-безбедност, додека Huawei не одговори веднаш на барањето за коментар.
Стравувања од поскапување и забавување на инвестициите
Додека европските власти инсистираат дека мерката е неопходна за заштита на критичната инфраструктура, дел од индустријата предупредува дека последиците би можеле да бидат значителни.
Во земјите од Централна и Источна Европа, каде што голем дел од соларните проекти зависат од европски фондови и субвенции, поскапите европски инвертори може да ја намалат економската исплатливост на новите инвестиции.
Јан Крчмар, извршен директор на Чешката соларна асоцијација, предупредува дека замената на кинеските производители нема да биде едноставен процес.
„Ова не е како да нарачувате обувки преку интернет. Потребна е постојана комуникација со производителот на инверторите, техничка поддршка и сервисна мрежа. Кинеските компании веќе имаат развиено таква инфраструктура низ регионот“, изјави Крчмар.
Тој проценува дека бројот на нови соларни инсталации би можел да се намали за дури две третини во наредните неколку години доколку ограничувањата останат во сила.
Аналитичарите од Wood Mackenzie посочуваат дека европските инвертори во просек се меѓу 20 и 40% поскапи од кинеските. Иако тоа претставува зголемување од околу 2% на вкупната цена на соларниот систем, во сектор каде профитните маржи се релативно ниски, ваквото поскапување може да биде доволно за одложување или откажување на одредени проекти.
Европските производители гледаат можност
Од друга страна, европските производители сметаат дека ограничувањата се можност за зајакнување на домашната индустрија.
Германската компанија SMA Solar соопшти дека располага со значителни производствени капацитети и дека е подготвена да одговори на евентуално зголемување на побарувачката. Компанијата веќе гради нова фабрика во Германија која треба да почне со работа во септември.
Австрискиот производител Fronius тврди дека европските и западните компании би можеле во рок од една година да ја задоволат побарувачката на европскиот пазар, но само доколку добијат јасни сигнали и поддршка од европските институции.
Главната извршна директорка на Fronius, Елизабет Енгелбрехтсмилер–Штраус, смета дека сегашните мерки не се доволни.
„Не е доволно само да се укине субвенционирањето на овие производи. Ваквите компоненти воопшто не би требало да бидат поврзани со јавната електроенергетска мрежа“, изјави таа.
Можно дополнително заострување на мерките
И покрај новите ограничувања, во европската електроенергетска мрежа веќе функционираат повеќе од 200 гигавати соларни капацитети опремени со кинески инвертори. Критичарите предупредуваат дека токму тие претставуваат најголемиот потенцијален безбедносен ризик.
Неколку земји веќе разгледуваат дополнителни мерки. Полска анализира национални решенија за намалување на ризикот, а државниот секретар за енергетика Војчех Врохна не ја исклучува можноста за целосна забрана доколку проценките покажат реална закана.
Литванија веќе презеде конкретни чекори и воведе ограничувања за далечинскиот пристап на кинески компании до одредени контролни системи. Литванскиот министер за енергетика Жигимантас Ваичјунас изјави дека новите европски соларни проекти треба да користат опрема произведена во Европската Унија или во САД.
Во меѓувреме, во Брисел се разгледува нова законска рамка која би можела да овозможи поширока забрана за инвертори од добавувачи што ќе бидат оценети како високоризични. Конечната одлука ќе зависи од тековните безбедносни анализи и од тоа дали кинеските компании ќе успеат да ги исполнат европските стандарди и барања.
Додека Европа се стреми кон енергетска независност и климатска неутралност, спорот околу кинеските инвертори покажува дека зелената транзиција сè повеќе се претвора и во прашање на национална и континентална безбедност.
Извор: Ројтерс
