Новиот директор на ACER е Христоф Лесенич

Германскиот доктор по право Христоф Лесенич е потврден за нов директор на Агенцијата на Европската Унија за соработка на енергетските регулатори (ACER), откако неговото именување денеска го одобри Комитетот за индустрија, истражување и енергетика (ITRE) на Европскиот парламент.

Лесенич доаѓа од Европската комисија, каде во изминатите пет години беше раководител на единицата за внатрешниот пазар на електрична енергија во Генералниот директорат за енергетика. Тој има околу 20 години искуство во европските енергетски политики и политиките за конкуренција.

На функцијата ќе го наследи сонародникот Фолкер Цулегер, кој привремено ја раководи агенцијата од минатата есен. Пред него, директор на ACER пет години беше Данецот Кристијан Цинглерсен.

РЕКЛАМА

ACER, со седиште во Љубљана, има клучна улога во обезбедувањето ефикасно функционирање на заедничкиот пазар на електрична енергија и гас во ЕУ, како и во координацијата на националните енергетски регулатори.

Лесенич првично беше избран како кандидат од Управниот одбор на ACER по јавен повик. Неговата кандидатура потоа доби позитивно мислење од Регулаторниот комитет, во кој членуваат претставници на националните енергетски регулатори, а денеска ја помина и последната процедура со гласањето во Европскиот парламент.

Од ACER засега не е соопштено кога Лесенич официјално ќе ја преземе функцијата.

Извор: Acer.europa.eu

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил