Загреб меѓу Кршко и сопствен реактор

Владата во Хрватска поставува амбициозни рокови за развој на сопствена нуклеарна програма, додека понудата за учество во словенечкиот JEK2 се оценува како неповолна

Хрватската влада направи стратешки пресврт во енергетската политика, упатувајќи до парламентот Предлог-закон за развој на нуклеарната енергија во цивилни цели, со јасно дефинирана цел: нуклеарната енергија да учествува со најмалку 30% во националниот енергетски микс на државата до 2040 година.

Министерот за економија, Анте Шушњар, изјави дека станува збор за „стратешка одлука“ што оди подалеку од диверзификација на изворите на електрична енергија. „Ова е потврда на определбата за енергетска безбедност, климатска одговорност и технолошки напредок“, рече тој претставувајќи го Предлог-законот на владината седница одржана минатиот втроник.

РЕКЛАМА

Предлог-законот предвидува во рок од шест месеци од неговото усвојување да биде изготвена програма за развој на цивилна нуклеарна енергија, а Владата во рок од 12 месеци потоа да донесе целосен план. Локациите за потенцијалните електрани ќе бидат утврдени со посебен закон, што остава простор за дополнителна политичка и јавна дебата.

Ваквата динамика сигнализира дека Загреб сака да ја забрза подготовката за проект кој, според проценките на аналитичарите, би барал повеќегодишни регулаторни, финансиски и технички подготовки.

Хрватска во моментов обезбедува дел од својата електрична енергија преку нуклеарната централа Кршко, со која управува заедно со Словенија согласно принципот на 50-50 сопственост.

Но, новиот закон практично го отвора патот за изградба на сопствена нуклеарна електрана и ова доаѓа во време кога се Загреб ја разгледува можноста за учество во словенечкиот проект JEK2, односно, изградба на втор блок во нуклеарната електрана Кршко.

Според извештаите во хрватските медиуми, словенечката страна ѝ понудила на Хрватска 25% удел во новата електрана, но без управувачки права. Дополнително, според наводите, Хрватска не би добивала физичка испорака на електрична енергија, туку четвртина од профитот од продажбата на струјата на словенечкиот пазар. Дел од медиумите ваквата понуда ја оценија како значително помалку поволна од сегашниот модел на заедничко управување.

Ова ја зајакнува аргументацијата во корист на сопствен проект, иако таквата одлука би значела повисоки почетни инвестиции и преземање целосен ризик од реализацијата.

Од друга страна, Работна група за нуклеарна енергија веќе анализира потенцијални локации во Хрватска и ги споредува економските параметри на малите модуларни реактори (SMR) со оние на традиционалните големи реактори.

Според Владата, новата генерација нуклеарни централи нуди поголема оперативна флексибилност, можност за интеграција со обновливи извори и производство на процесна топлина и водород, елементи што се клучни за декарбонизација на индустријата.

Инаку, дебатата за нуклеарната енергија во Хрватска се отвора во контекст на растечка побарувачка за електрична енергија и сè построги европски климатски цели. Владата тврди дека земјата се соочува со „троен предизвик“: одржување на конкурентноста на економијата, гарантирање енергетска сигурност и постигнување климатска неутралност.

Дали Загреб ќе избере да го продлабочи партнерството со Љубљана или ќе се одлучи за самостоен нуклеарен проект ќе зависи од економските анализи, политичката волја и односите меѓу двете земји. Но, со поднесувањето на законот, Хрватска јасно сигнализира дека нуклеарната опција повеќе не е табу, туку централна алатка во нејзината долгорочна енергетска стратегија.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил