Електричниот шпорет троши повеќе струја од фрижидерот и машината за перење

Електричниот шпорет може да биде еден од најголемите потрошувачи на електрична енергија во домаќинството, со проценета годишна потрошувачка од речиси 1.500 киловат-часови. Иако најчесто вниманието е насочено кон фрижидерите и замрзнувачите, кои работат непрекинато, анализата на потрошувачката на шест домашни апарати покажува дека редовната подготовка на оброци може да има значително влијание врз сметките за струја.

Според рангирањето на полскиот портал „Енераџ“ (Enerad.pl), објавено и од енергетската компанија „Енерга“ (Energa), класичниот електричен шпорет е на првото место меѓу десетте домашни уреди со најголема проценета годишна потрошувачка. Проценката се однесува на модел на четиричлено домаќинство и е изработена во 2021 година, со претпоставка за единствена цена на електричната енергија во текот на денот, без разлика меѓу дневна и ноќна тарифа.

Според оваа анализа, електричниот шпорет годишно троши околу 1.480 kWh, додека индукциската плоча има проценета потрошувачка од 1.168 kWh. На третото место е електричниот бојлер со капацитет од 120 литри, со околу 1.080 kWh годишно.

РЕКЛАМА

Интересно е што и уредите што се користат кратко, но секојдневно, можат да имаат значителна годишна потрошувачка. Така, електричното ѓезве за вода е на четвртото место со 292 kWh годишно, пред машината за миење садови со 262 kWh и фрижидерот со 252 kWh.

Колку струја троши едно просечно домаќинство?

За поширока слика, данските податоци покажуваат дека едно просечно семејство со двајца возрасни и две деца годишно троши околу 4.500 kWh електрична енергија. Во оваа проценка, објавена од порталот „Болиус“ (Bolius), врз основа на податоци на Данската агенција за енергетика, не се вклучени потрошувачката за електрично греење и загревањето на водата.

Според данските податоци, значителен дел од електричната енергија во домаќинствата се користи за перење алишта, електронски уреди и забава, како и за ладење и замрзнување. Вкупната потрошувачка зависи од бројот на членови во домаќинството, големината на домот, опременоста и секојдневните навики.

Како да се намали потрошувачката при готвење?

Потрошувачката на електричниот шпорет може да се намали со неколку едноставни промени во секојдневното користење. Се препорачува при готвењето да се користи капак на садовите, да се избира сад со соодветна големина за грејната површина и плочата да се исклучува малку пред завршувањето на подготовката на храната, за да се искористи преостанатата топлина.

Сепак, наведените вредности се ориентациски и не можат директно да се применат на секое домаќинство. Реалната потрошувачка зависи од типот и староста на уредот, неговата енергетска ефикасност, како и од времетраењето и начинот на користење.

Анализата потсетува дека покрај изборот на енергетски ефикасни апарати, и секојдневните навики имаат важна улога во контролирањето на потрошувачката на електрична енергија.

Извор: Jutarnji.hr

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил