Националниот оператор на пазарот на електрична енергија МЕМО од 19 ноември ќе воведе можност за негативни цени на организираниот пазар на електрична енергија. Во пресрет на оваа промена, операторот одржа онлајн работилница на која учесниците се запознаа со новите правила, техничките услови и начинот на функционирање на овој пазарен механизам.
На работилницата учествуваа претставници на компаниите активни на пазарот, на кои им беше презентирана оперативната имплементација на негативните цени во трговските платформи MATS и M7.
Посебно внимание беше посветено на промените во ценовните прагови, регулаторните и техничките барања, како и на практичните аспекти од примената на негативните цени и нивното влијание врз учесниците на пазарот.
Во фокусот беа и подготовките за почетокот на примената, тестирањето на системите и процесите, како и обврските што треба да ги исполнат компаниите за навремено приспособување кон новиот механизам.
Воведувањето негативни цени носи промена во функционирањето на организираниот пазар, бидејќи ќе овозможи цената на електричната енергија во одредени часови да падне под нулата. Таква ситуација може да се појави кога понудата на електрична енергија е поголема од побарувачката, а производството не може доволно брзо да се приспособи на пазарните услови.
За производителите, тоа значи дека во одредени периоди може да биде поисплатливо да го ограничат или приспособат производството, наместо да продаваат електрична енергија по негативна цена. Од друга страна, ваквиот механизам создава дополнителни можности за флексибилните потрошувачи и за системите за складирање електрична енергија, кои можат да ја искористат разликата во цените во различни периоди.
Од МЕМО посочуваат дека активностите се дел од процесот на усогласување со европските стандарди и понатамошна интеграција на домашниот пазар со европските енергетски пазари.
Со воведувањето негативни цени, македонскиот организиран пазар добива нов механизам за формирање на цените, кој треба да придонесе за поефикасно искористување на произведената електрична енергија, подобро управување со производството и потрошувачката и развој на флексибилноста на електроенергетскиот систем.
Извор: МЕМО
