Џамнагар во Индија е најголемата рафинерија во светот: Ова се 10-те најмоќни нафтени комплекси

Глобалната нафтена индустрија продолжува да се потпира на огромни рафинериски комплекси кои секојдневно преработуваат милиони барели сурова нафта и обезбедуваат горива за транспортот, индустријата и домаќинствата ширум светот. Меѓу нив се издвојуваат таканаречените „суперрафинерии“, индустриски гиганти со капацитети што имаат значително влијание врз светските енергетски пазари.

Експертите од нафтената индустрија нагласуваат дека редовните ремонти и технички зафати, познати како „shutdown“ и „turnaround“ операции, претставуваат еден од најважните периоди во животниот циклус на секоја рафинерија. Доколку овие процеси се спроведат успешно, компаниите можат да заштедат милиони долари и илјадници работни часови, додека лошото планирање може да доведе до сериозни финансиски загуби и безбедносни ризици.

На врвот на листата се наоѓа рафинерискиот комплекс Џамнагар во Индија, кој со капацитет од 1,24 милиони барели дневно важи за најголемата рафинерија во светот. Комплексот обезбедува околу 1,6% од глобалниот капацитет за преработка на сурова нафта и покрива значителен дел од потребите на индискиот пазар.

РЕКЛАМА

Јужна Кореја е единствената земја со дури три рафинерии меѓу првите пет во светот – SK Energy Ulsan, GS-Caltex Yeosu и S-Oil Ulsan, што ја потврдува нејзината улога како еден од најважните центри за преработка на нафта во Азија.

Американските компании, предводени од Exxon Mobil и BP, исто така имаат силно присуство на листата преку комплексите Baytown, Baton Rouge и Texas City. Во меѓувреме, Саудиска Арабија останува дом на најголемата рафинерија на Блискиот Исток – Ras Tanura, управувана од Saudi Aramco.

Топ 10 најголеми рафинерии во светот

РангРафинеријаЛокацијаОператорКапацитет (барели/ден)
1Jamnagar RefineryГуџарат, ИндијаReliance Industries1.240.000
2Paraguaná Refinery ComplexФалкон, ВенецуелаPDVSAНеобјавен
3SK Energy Ulsan RefineryУлсан, Јужна КорејаSK Energy850.000
4GS-Caltex Yeosu RefineryЈеосу, Јужна КорејаGS-Caltex730.000
5S-Oil Ulsan RefineryУлсан, Јужна КорејаS-Oil669.000
6Exxon Mobil Singapore RefineryЏуронг Ајленд, СингапурExxon Mobil605.000
7Baytown RefineryТексас, САДExxon Mobil572.500
8Ras Tanura RefineryРас Танура, Саудиска АрабијаSaudi Aramco550.000
9Baton Rouge RefineryЛуизијана, САДExxon Mobil503.000
10BP Texas City RefineryТексас, САДBP467.720

Според податоците од индустријата, овие десет рафинериски комплекси претставуваат клучни точки во глобалниот синџир за снабдување со нафтени деривати. Нивната работа има директно влијание врз цените на горивата, енергетската безбедност и стабилноста на светските пазари.

Значењето на големите светски рафинерии дополнително доаѓа до израз во услови на растечки геополитички тензии, особено по последните конфликти на Блискиот Исток. Рафинериите претставуваат клучна алка во глобалниот енергетски синџир, бидејќи не е доволно само да се произведува сурова нафта, таа мора да биде преработена во бензин, дизел, авионско гориво и други деривати неопходни за функционирањето на современите економии.

Секој прекин во работата на големите рафинериски капацитети, без разлика дали е предизвикан од воени конфликти, санкции, терористички напади или нарушувања во транспортните рути како Ормускиот Теснец и Црвеното Море, може да предизвика значителни потреси на светските пазари. Во такви околности, суперрафинериите во Индија, Саудиска Арабија, Сингапур, Јужна Кореја и САД стануваат стратешки објекти од глобално значење, бидејќи обезбедуваат стабилност во снабдувањето со горива и делумно ги ублажуваат последиците од евентуалните прекини во производството или транспортот на нафта.

Енергетските аналитичари предупредуваат дека во време на зголемени геополитички ризици, капацитетот и сигурноста на рафинериските комплекси стануваат речиси исто толку важни колку и самите резерви на сурова нафта, бидејќи токму тие го претвораат енергетскиот ресурс во производ неопходен за секојдневниот живот и функционирањето на светската економија.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил