„Еурелектрик“: Негативните цени ја наметнуваат потребата од поголема флексибилност

Негативните цени на електричната енергија, кои сè почесто се појавуваат на европските пазари, не се знак за нефункционалност на пазарот, туку сигнал дека електроенергетскиот систем мора побрзо да се приспособи на растечкото производство од обновливи извори. Ова го покажува анализата на европското здружение на електроенергетски компании „Еурелектрик“, според која поголемата флексибилност станува клучна за одржување на рамнотежата меѓу производството и потрошувачката.

Анализата укажува на значителни разлики меѓу европските земји. Во текот на 2025 година, негативни цени биле регистрирани во речиси 7% од времето во Шпанија и Холандија, додека нивната застапеност била значително помала на други пазари.

Како пример за придобивките од поголемата флексибилност е посочена Финска, каде што уделот на часовите со негативни цени се намалил од 8,3% во 2024 година на 5,3% во 2025 година, а во првата половина од 2026 година паднал на само 1%. Овој резултат е постигнат преку приспособување на потрошувачката, воведување складишта за енергија и примена на други механизми за поголема флексибилност. Намалување на бројот на часови со негативни цени во однос на претходната година е забележано и во Словенија.

РЕКЛАМА

Од „Еурелектрик“ предупредуваат дека долготрајната појава на негативни цени може да укажува и на структурни слабости во електроенергетскиот систем. Меѓу нив се недоволниот капацитет на мрежата, ограничените прекугранични интерконекции и пречките за развој на капацитети за складирање и други решенија што би овозможиле вишокот произведена електрична енергија да се искористи во периоди на поголема побарувачка.

Според анализата, потребата од флексибилност во електроенергетскиот систем на Европската Унија до 2030 година се очекува приближно да се удвои, а до 2050 година да биде шестпати поголема во споредба со нивото од почетокот на оваа деценија.

„Негативните цени ни кажуваат нешто важно за промените во европскиот електроенергетски систем: во одредени периоди имаме сè повеќе чиста електрична енергија, но сè уште немаме доволно флексибилност за целосно да го искористиме тој потенцијал“, изјави генералниот секретар на „Еурелектрик“, Кристијан Руби.

Тој нагласува дека со забрзаниот раст на производството од обновливи извори, складирањето енергија, приспособувањето на потрошувачката и другите механизми за флексибилност ќе имаат сè поголема улога.

Заклучокот на анализата е дека негативните цени не треба автоматски да се толкуваат како проблем на пазарот. Тие можат да бидат економски сигнал што поттикнува нови инвестиции, но нивното продолжено и зачестено појавување може да укажува дека мрежната инфраструктура и расположливите капацитети не се доволно подготвени да одговорат на променливото производство од обновливи извори.

Извор: Eurelectric.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил