Еколошките организации предупредуваат: Електрификацијата на ЕУ бара посилни мерки за енергетска ефикасност

Планот на Европската Унија за забрзување на електрификацијата на греењето, транспортот и другите сектори нема да ги исполни климатските цели без паралелно зајакнување на мерките за енергетска ефикасност и флексибилност. Еколошките организации предупредуваат дека одложувањето на правилата за енергетско означување и екодизајн може да го забави преминот кон електрични технологии и да ги ограничи заштедите на енергија.

Планот за електрификација на Европската комисија има за цел Европа да стане „првиот електрифициран континент во светот“, со индикативна цел учеството на електричната енергија во финалната потрошувачка на енергија да достигне 46% до 2040 година.

Според проценките на Комисијата, ваквата трансформација би можела годишно да ги намали трошоците на ЕУ за увоз на фосилни горива за 260 милијарди евра и истовремено да ја зајакне енергетската сигурност на Унијата.

РЕКЛАМА

Сепак, еколошките организации сметаат дека само зголемувањето на употребата на електрична енергија нема да биде доволно за остварување на климатските амбиции.

Никол Керни, директорка за Европа во организацијата КЛАСП, предупредува дека поставените цели за електрификација тешко ќе се постигнат без истовремени мерки за подобрување на ефикасноста и флексибилноста на енергетскиот систем.

Таа посочува дека одложувањето на повеќе регулативи за екодизајн и енергетско означување на производи, меѓу кои и опрема за греење и ладење, го забавува остварувањето на енергетските заштеди и го ограничува пристапот на потрошувачите до информации за ефикасноста на производите.

Слично предупредување упатува и Рита Тедеско, раководителка за енергетска транзиција во организацијата ЕКОС, според која доцнењето на правилата за енергетска ефикасност може да ја забави и примената на електричните технологии, како што се топлинските пумпи.

„Секој ден одложување на регулативата дополнително ја оддалечува електрификацијата на секторот за греење“, предупредува Тедеско.

Од ЕКОС наведуваат дека правилата за екодизајн и енергетско означување придонеле за околу една четвртина од намалувањето на емисиите на стакленички гасови во ЕУ во периодот од 1990 до 2020 година.

Според нивните процени, одложувањето на планираните измени на овие правила би можело до 2030 година да предизвика дополнителни емисии од речиси 10 милиони тони еквивалент на јаглерод диоксид годишно, што приближно одговара на годишните емисии од пет милиони автомобили.

Керни ја посочува и британската практика по излегувањето на земјата од ЕУ, оценувајќи дека очекувањата оти Велика Британија ќе може побрзо да ги спроведува политиките за енергетска ефикасност не се оствариле.

Пораката на еколошките организации е дека електрификацијата и енергетската ефикасност мора да се спроведуваат паралелно. Поголемата употреба на електрична енергија, без поефикасни уреди, објекти и системи за управување со потрошувачката, нема сама по себе да ги обезбеди очекуваните климатски и енергетски придобивки.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил