Цените на горивата од 24 ноември повторно ќе се намалат, при што најголемо поевтинување има кај дизелот, чија максимална малопродажна цена ќе биде пониска за 3,50 денари за литар. Бензините поевтинуваат за 2 денари, а екстралесното масло за 2,50 денари за литар, одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Со новата одлука, просечните малопродажни цени на нафтените деривати се намалуваат за 2,28% во однос на претходната пресметка од 16 ноември. Ова е уште едно последователно поевтинување, по претходните намалувања на цените на горивата во ноември.
Новите максимални цени стапуваат во сила на 24 ноември од 00:01 часот:
| Нафтен дериват | Нова цена | Промена |
|---|---|---|
| Еуросупер БС-95 | 82,00 ден/литар | −2,00 денари |
| Еуросупер БС-98 | 84,00 ден/литар | −2,00 денари |
| Еуродизел БС | 88,50 ден/литар | −3,50 денари |
| Екстра лесно масло (ЕЛ-1) | 98,00 ден/литар | −2,50 денари |
| Мазут М-1 НС | 48,110 ден/кг | −0,204 денари |
Намалувањето на цените е под влијание на пониските референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Во споредба со претходната пресметка, бензините поевтиниле за 5,874%, дизелот за 6,505%, екстралесното масло за 5,671%, а мазутот за 2,236%.
Врз конечната пресметка влијаел и курсот на денарот во однос на американскиот долар, кој во споредба со претходниот пресметковен период е повисок за 1,4248%.
РКЕ ги примени и владините мерки за намалено даночно и акцизно оптоварување: ДДВ од 10% за дизелот, намалена акциза од 1 денар за литар кај бензините и од 4 денари за литар кај дизелот.
Од Комисијата појаснуваат дека утврдените цени се максимални, што значи дека трговците на големо и мало можат да ги продаваат нафтените деривати и по пониски цени.
Извор: РКЕ
