И покрај големите инвестиции во обновливи извори на енергија и преминот од увозник во нето-извозник на електрична енергија, Грција сè уште не успева да обезбеди пониски сметки за потрошувачите. Недоволните капацитети за складирање, извозот на евтините вишоци електрична енергија во текот на денот и увозот во вечерните часови, како и начинот на формирање на цените на големопродажниот пазар, остануваат меѓу клучните предизвици, пишува Никос Филипидис во авторски коментар за „Катимерини“.
Грција денес извезува 16% од своето производство на електрична енергија, додека во минатото увезувала струја за да покрие 18% од домашните потреби. Промената ѝ донела трговски суфицит од 471 милион евра, а цените на електричната енергија се под европскиот просек. Сепак, тоа не значи дека потрошувачите плаќаат помалку, сметките остануваат повисоки отколку пред неколку години.
Еден од проблемите е што недостигот од системи за складирање не дозволува целосно да се искористи производството од обновливи извори. Во часовите со најголемо производство на соларните електрани, дел од евтината електрична енергија се извезува во Бугарија, додека во вечерните часови, кога производството од сонце опаѓа, Грција повторно увезува струја по повисоки цени.
Дополнителен фактор е начинот на кој се формираат цените на големопродажниот пазар. Кога побарувачката бара вклучување на термоцентралите на природен гас, понудата на последната потребна централа може да ја одреди цената за целиот пазар. Така, и покрај тоа што соларните, ветерните и хидроцентралите произведуваат електрична енергија со пониски трошоци, цената на природниот гас може да влијае врз конечната пазарна цена.
Според Филипидис, природниот гас ќе остане неопходен за функционирањето на електроенергетскиот систем и со проширувањето на батериските капацитети, пред сè за балансирање на мрежата во периоди на намалено производство од обновливи извори.
Батериите со капацитет за складирање од четири часа можат да го пренесат вишокот соларна енергија произведена напладне во вечерните часови, кога потрошувачката е поголема, но не можат да ги покријат потребите на системот во периоди од три или четири последователни дена со слабо производство од сонце и ветер.
Оттука, останува отворено прашањето дали изградбата на поголеми капацитети за складирање навистина ќе доведе до поевтина електрична енергија за домаќинствата и компаниите.
Како што посочува авторот, амбицијата на Грција не треба да биде само одржување на цените под европскиот просек, туку создавање услови за електрична енергија по цени какви што имале Шпанија во 2022 година и какви што има Финска денес, меѓу другото благодарение на значајното производство од хидроенергија.
Извор: Ekathimerini.com
