Албанија и САД минатата недела потпишаа два договори за соработка во енергетиката, со кои се предвидува американска поддршка за изградбата на гасниот интерконектор Јонско-Јадрански гасовод (IAP) и хидроцентралата „Скавица“.
Првиот договор се однесува на гасоводот IAP, кој треба да ги поврзе Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија со Трансјадранскиот гасовод (TAP), преку кој природен гас од Азербејџан се транспортира до европските пазари. Црна Гора неодамна потпиша договор за соработка со САД за истиот проект.
Албанскиот министер за инфраструктура и енергетика Енеа Каракачи изјави дека Вашингтон го препознава IAP како стратешки регионален енергетски центар.
Вториот договор ја опфаќа хидроцентралата „Скавица“, за која се привршуваат потребните студии за изводливост и влијанието врз животната средина. Албанските власти работат на проектот во соработка со американската компанија „Бехтел“.
За време на средбата со бугарскиот министер за енергетика, Каракачи се согласил дека е потребно зајакнување на енергетската соработка меѓу двете земји, при што е најавено потпишување договор за соработка во декември.
Осврнувајќи се на регионалното поврзување, албанскиот министер информираше дека далекуводот меѓу Албанија и Македонија е завршен, додека на македонска страна е во тек изградбата на преносниот вод со кој треба да се поврзе целиот електропреносен коридор меѓу Бугарија и Албанија.
Каракачи истакна и дека Албанија спровела значајни реформи за приближување на земјата кон Европската Унија.
Извор: Infrastruktura.gov.al
