Германската авиокомпанија „Луфтханза“ планира нова рунда штедење, која може да опфати до 1.000 работни места, поради зголемените трошоци за гориво и последиците од кризата на Блискиот Исток. Компанијата размислува и за намалување на капацитетите на кратките и средните авиолинии, објави „Блумберг“, повикувајќи се на интерно писмо до вработените.
Растот на цените на нафтата и авионското гориво значително ги зголеми трошоците на европските авиопревозници. Кај групацијата „Луфтханза“, расходите за гориво во третиот квартал биле повисоки за 543 милиони евра во споредба со истиот период минатата година.
Финансискиот директор на „Дојче Луфтханза“, Тил Штрајхерт, очекува вкупните трошоци за гориво на групацијата во 2026 година да достигнат 9,3 милијарди евра.
Во рамките на мерките за намалување на трошоците, компанијата планира и промени во флотата, со намалување на бројот на авиони „Ербас А320“ и поголемо користење на помалите модели „Ербас А220“. Оптимизацијата би ги опфатила и аеродромите во Минхен и Франкфурт, каде што се предвидува укинување на дел од работните места.
„Луфтханза“ претходно веќе го намали летниот распоред за околу 20.000 кратки летови, поради ризиците од недостиг на авионско гориво и неговата висока цена.
Иако Европската комисија претходно оцени дека нема непосредна опасност од недостиг на авионско гориво во ЕУ, растот на цените и неизвесноста околу снабдувањето од Блискиот Исток продолжуваат да вршат притисок врз авиоиндустријата.
Од „Луфтханза“ во ноември посочија дека силната побарувачка за патувања засега помага во надоместувањето на повисоките трошоци, но расходите за гориво остануваат еден од главните ризици за финансиското работење на групацијата.
Извор: Bloomberg.com
