Булгартрансгас ќе продолжи да пренесува руски гас кон земјите надвор од ЕУ и по 2027 година

Бугарија не планира да го запре транзитот на руски природен гас кон земјите од регионот што не се членки на Европската Унија, и по стапувањето во сила на европската забрана за увоз на руски гас. Меѓу земјите што би можеле да продолжат да се снабдуваат преку бугарската гасоводна мрежа е и Македонија.

Бугарскиот оператор на гасниот преносен систем „Булгартрансгас“ може да продолжи да испорачува руски природен гас кон трети земји и по 2027 година, бидејќи европската регулатива не предвидува забрана за транзит кон држави надвор од Унијата. Ова во интервју за „S&P Global“ го изјави извршниот директор на компанијата Кирил Равначки.

„За земјите што не се членки на ЕУ, регулативата не предвидува ништо во тој поглед. Нема ограничување за протокот на гас кон тие земји“, изјави Равначки на маргините на состанокот на Партнерството за трансатлантска енергетска соработка во Варшава, одржан на 18 ноември.

РЕКЛАМА

Бугарија во моментов е единствената преостаната влезна точка за руски гасоводен гас кон Европа, преку гасоводот „Турски тек“. Преку бугарската инфраструктура руски гас сè уште можат да добиваат Србија, Босна и Херцеговина и Македонија.

Според Равначки, бугарската влада не врши притисок врз операторот да го прекине транзитот кон овие земји по стапувањето во сила на европската забрана, предвидена од есента 2027 година.

„Нема никаква интервенција од владата, вклучително и во овој поглед“, изјави директорот на „Булгартрансгас“.

Паралелно се развиваат алтернативни правци за снабдување

И покрај можноста за продолжување на транзитот на руски гас кон земјите надвор од ЕУ, државите од регионот работат на диверзификација на изворите и транспортните правци.

Во септември, операторите на преносните системи во Македонија и Србија потпишаа меморандуми за соработка со други регионални оператори во рамките на иницијативата „Вертикален гасен коридор“. Целта е проширување на можностите за транспорт на неруски гас кон Југоисточна, Источна и Централна Европа, вклучително и гас од терминалите за течен природен гас во Грција.

„Булгартрансгас“ соопшти дека неодамна завршил проекти со кои преносниот капацитет од Бугарија кон Романија е зголемен за речиси 90%, во рамките на оваа иницијатива. Новите капацитети веќе се понудени за дневно резервирање.

Проширување на складиштето Чирен до 2029 година

Една од главните инвестициони цели на бугарскиот оператор е проширувањето на единственото подземно складиште за природен гас во земјата – Чирен.

Планот е капацитетот за складирање да се зголеми до една милијарда кубни метри гас, а дневните можности за повлекување и вбризгување да достигнат меѓу осум и 10 милиони кубни метри. Сегашниот капацитет на складиштето изнесува околу 662 милиони кубни метри.

Равначки очекува проширувањето да биде завршено до 2029 година. Тој нагласува дека поголемиот капацитет за складирање ќе овозможи поголема флексибилност во услови на зголемени испораки на ЛНГ во Југоисточна Европа, чие пристигнување не секогаш се совпаѓа со динамиката на побарувачката.

Покрај тоа, „Булгартрансгас“ планира да продолжи со набавка на ЛНГ за сопствените технолошки потреби и одржување на гасоводниот систем. Летово компанијата набавила околу 500 гигават-часови течен природен гас од грчката компанија „ДЕПА Комершл“, а во подготовка се и нови тендери.

Поддршка за долгорочни договори за ЛНГ

Раководителот на „Булгартрансгас“ се заложи и за поголема употреба на долгорочни договори за набавка на ЛНГ во Европа, оценувајќи дека тие се важни за сигурноста на снабдувањето, но и за финансиската стабилност на операторите.

Според него, долгорочните договори им овозможуваат на операторите да обезбедат предвидливи приходи, неопходни за одржување на инфраструктурата и реализација на нови инвестиции.

Во услови на нестабилност на пазарот, дел од учесниците избегнуваат долгорочни обврски, но Равначки смета дека ова прашање треба повторно да добие поголемо внимание во европската енергетска стратегија.

Извор: SPglobal.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил